Skip to main content

Саркози ќе биде ослободен од затвор во исчекување на жалба

Facebook / Nicolas Sarkozy

Поранешниот француски претседател Никола Саркози ќе биде ослободен од затвор откако парискиот суд денеска пресуди дека може да биде ослободен во исчекување на жалбата за неговата пресуда од септември за криминален заговор.

Апелациониот суд во Париз денеска го одобри предвременото ослободување на поранешниот француски претседател Никола Саркози, по барањето што поранешниот француски претседател го поднесе по 20 дена поминати во затвор во затворот Ла Санте во Париз. Според судот, тој ќе биде ставен под строг „судски надзор“ во исчекување на неговата жалба, објави Си-ен-ен.

Поточно, на поранешниот претседател ќе му биде забрането да разговара со кој било министер за правда.

Претходно, државниот обвинител Дамиен Брине побара ослободување на Саркози од затвор, а воедно побара и да се одобри барањето на поранешниот претседател.

За време на денешното сослушување за неговото барање за ослободување во судот во Париз, Саркози, кој учествуваше на сослушувањето преку видеоконференција од својата ќелија, тврдеше дека отсекогаш ги исполнувал сите барања на правдата.

„Никогаш не замислував дека ќе доживеам затвор на 70 години. Ова искушение ми беше наметнато и го преживеав. Тешко е, многу тешко“, рече тој.

Саркози, исто така, им оддаде почит на затворскиот персонал, за кој рече дека му помогнал да го надмине „овој кошмар“.

Адвокатот на Саркози, Жан-Мишел Дароа, кој седеше до него во видеоконференциската сала во затворот, рече: „Изолацијата беше многу тешка за него. Тој е силен, робустен и храбар човек и ова притворање му предизвика големо страдање.“

На суд, друг од адвокатите на Саркози, Кристоф Ингрејн, кој го посетувал секојдневно, рекол дека поранешниот француски претседател би бил побезбеден надвор од затворот отколку внатре.

„Тој се соочил со смртни закани, слушал вресоци ноќе и итна интервенција во соседната ќелија кога еден затвореник се самоповредил“, рече тој.

Саркози е држен во самица за сопствена безбедност, во една ќелија од приближно 9 квадратни метри, со сопствен туш и тоалет. Двајца телохранители се наоѓаат во соседната ќелија за да се осигурат неговата безбедност.

Францускиот неделник „Ле Поан“ објави дека тој јаде јогурт во затвор само затоа што се плаши дека можеби плукле во него. Тој има можност сам да готви, но тој одбил, објави списанието, повикувајќи се на анонимни извори.

Сопругата на Саркози, Карла Бруни-Саркози, и двајца од неговите синови присуствуваа на сослушувањето во парискиот суд.

Според францускиот закон, ослободувањето е општо правило во исчекување на жалба, додека притворот останува исклучок.

Саркози отслужува петгодишна затворска казна за криминално заговарање во шема за финансирање на неговата успешна изборна кампања во 2007 година со средства од Либија.