Skip to main content
Европските лидери сакаат да се троши повеќе на оружје

Самит на ЕУ за одбраната: Европа мора автономно да се справува со предизвиците и заканите

carl-campbell-on-unsplash

Во делот од заклучоците од денешниот Самит на ЕУ посветен на европската одбрана и безбедност се наведува дека Европа мора да стане посуверена, поодговорна за сопствената одбрана и подобро опремена да дејствува и да се справува автономно и координирано со непосредните и идните предизвици и закани.  

Агресивната војна на Русија против Украина и нејзините последици врз европската и глобалната безбедност во променлив амбиент, претставуваат егзистенцијален предизвик за Европската Унија. Европскиот совет потсетува дека посилна и поспособна Европска Унија во областа на безбедноста и одбраната позитивно ќе придонесе за глобалната и трансатлантската безбедност и е комплементарна на НАТО, кој, за оние држави што се нејзини членки, останува основа на нивната колективна одбрана, се вели во заклучоците. 

Во текстот натаму се нагласува дека за да ја исполни својата цел за решително зголемување на одбранбената подготвеност на Европа во следните пет години, Европскиот совет ја нагласува потребата од продолжување на значителното зголемување на трошоците за одбраната и безбедноста на Европа и подобро заедничко инвестирање, истакнувајќи ја и обврската преземена на Самитот на НАТО во јуни 2025 година од страна на земјите членки, кои се исто така членки на НАТО.  

Лидерите на ЕУ го поздравува и усвојувањето на Регулативата за воспоставување на инструментот „Безбедносната акција за Европа“ (САФЕ), повикуваат за побрзо усвојување на предлогот за стимулација на инвестициите поврзани со одбраната на ЕУ и потсетуваат на важноста од мобилизирање на приватно финансирање за одбранбената индустрија. 

Со оглед на итноста од зајакнување на европската одбранбена технолошка и индустриска база низ целата Унија, така што таа ќе биде во можност подобро да произведува и снабдува опрема во потребните количества и со забрзано темпо, Европскиот совет ја повторува важноста на агрегацијата на побарувачката, хармонизацијата на барањата, стандардизацијата и заедничката набавка, како и правилното функционирање и понатамошната интеграција на европскиот одбранбен пазар, се додава во заклучоците, во кои се нагласува потребата од целосна кохерентност на одбранбените приоритети на ЕУ со оние на НАТО. 

Лидерите апелираат на зголемено производство во одбранбената индустрија, вклучително и на малите и средните претпријатија, за што повикуваат на побрзо усвојување на предлозите од „Омнибусот за одбранбена подготвеност“. 

Европскиот совет нагласува дека одбраната на сите копнени, воздушни и поморски граници на ЕУ придонесува за безбедноста на Европа како целина, особено во однос на источната граница на ЕУ, имајќи ги предвид заканите што ги претставуваат Русија и Белорусија. Дополнително, имајќи ги предвид заканите врз останатите граници на ЕУ, Европскиот совет ја нагласува важноста на нивната одбрана, се додава во заклучоците. 

Лидерите на земјите членки на ЕУ воедно ја повикуваат Европската комисија да презентира дополнителни предлози за зајакнување на воената мобилност и ја нагласуваат важноста на соработката со партнери кои споделуваат идентични цели со ЕУ во надворешната и безбедносната политика. 

Поврзани вести