
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека во ноќешниот масовен руски напад врз Киев загинало едно лице, а десетици биле повредени, меѓу кои и дете, при што биле оштетени цивилни и енергетски објекти.
Во објава на социјалната мрежа Икс, Зеленски информираше дека Русија во текот на ноќта лансирала повеќе од 370 јуришни дронови и 21 ракета од различни типови, насочени кон Киев и неговата околина, како и кон Сумската, Харковската и Черниговската област.
„Во Харков беа погодени породилиште, студентски дом во кој се сместени раселени лица, медицински факултет и станбени згради. Досега се пријавени десетици повредени, меѓу кои и дете“, наведе Зеленски.
Тој потврди дека во нападите загинало едно лице и изрази сочувство до семејството и најблиските, додавајќи дека цел на ударите биле и енергетски објекти. Според него, сите надлежни служби се на терен и работат на санирање на последиците, вклучително и спасувачките екипи, медицинските тимови, општинските служби и енергетските работници.
Зеленски им се заблагодари на припадниците на украинската противвоздушна одбрана за, како што рече, одбивањето на голем дел од нападите, и упати остар апел до меѓународните партнери.
„Секој ваков руски напад врз нашата енергетска инфраструктура покажува дека не смее да има одложувања во испораката на системи за противвоздушна одбрана. Не смеат да се затвораат очите пред овие напади – тие мора да добијат силен одговор“, порача украинскиот претседател.
Тој додаде дека Украина смета на поддршката од партнерите и нагласи дека секоја ракета за системите Patriot, NASAMS и другите ПВО системи значи заштита на критичната инфраструктура и олеснување за граѓаните во текот на зимата. Зеленски истакна дека очекува целосно да се спроведе сè што било договорено со американскиот претседател Доналд Трамп на состанокот во Давос, во делот на противвоздушната одбрана.
Overnight, Russia carried out a massive attack on our regions, launching over 370 attack drones and 21 missiles of various types. Kyiv and the region, as well as the Sumy, Kharkiv, and Chernihiv regions, were targeted. In Kharkiv, a maternity hospital, a dormitory housing… pic.twitter.com/K0TQNNvu4T
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) January 24, 2026

Македонски




