
Вчера околу 18 часот капетан на авион на летот од Лондон за Софија бил принуден да го прекине летот и принудно да слета на задарскиот аеродром. Причина за слетувањето било агресивното и недолично однесување на патник кој го нарушил јавниот ред и мир за време на летот и физички нападнал 31-годишна стјуардеса, пренесе хрватски Индекс.
По слетувањето, веднаш реагирале полицајци од поморската и аеродромската полициска станица Задар и привеле 28-годишен британски државјанин. Мажот бил видно под дејство на алкохол, а при постапката одбил алкотест.
Кривичната истрага утврдила дека осомничениот за време на летот на особено дрзок и груб начин викал, кревал врева и ја навредувал кабинската екипа, при што ги вознемирувал останатите патници. Дополнително, тој даваше навредливи коментари на англиски јазик врз основа на разликите во бојата на кожата, со намера да создаде понижувачка и навредлива атмосфера.
Поради наведеното однесување, 28-годишникот ги прекршил одредбите од член 6 од Законот за прекршоци за јавен ред и член 25 од Законот за антидискриминација.
Против него е поднесен обвинителен акт, а Одделот за прекршоци при Општинскиот суд во Задар му изрече правосилна казна од 2.400 евра.
За инцидентот е известена и Хрватската агенција за цивилно воздухопловство, која ќе преземе мерки во нејзина надлежност. Во немилиот инцидент нема повредени.