Skip to main content

Полска побара ослободување од правилата на ЕУ за прераспределба на бегалците

Полска нема да прима дополнителни баратели на азил и само делумно ќе го спроведува Пактот на ЕУ за миграција и азил, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи во Варшава, откако стапија на сила новите правила на блокот.

Полска е ослободена од прераспределбата на бегалците во рамките на Европската Унија и поврзаните трошоци, наведе министерството.

Во текот на двегодишните преговори со Брисел, земјата успеа да го прилагоди миграцискиот пакт на „полските услови“, се додава во соопштението.

„Полска ќе ги применува само оние одредби што ја зајакнуваат заштитата на границите, ја заоструваат миграциската политика и го подобруваат пристапот до податоци што придонесуваат за борба против нелегалната миграција“, се додава во соопштението.

Варшава вели дека отстапките направени на Полска се оправдани со товарот што земјата го носи на источната граница на ЕУ и одбранбениот сојуз на НАТО.

Границата со Белорусија, близок сојузник на Русија, во моментов бара речиси воени средства за заштита. Полска и ЕУ го обвинуваат белорускиот лидер Александар Лукашенко за систематско доведување мигранти од кризните региони до надворешната граница на ЕУ како средство за вршење притисок врз Западот. Сепак, неодамна, нелегалните влезови се намалија.

Полска, исто така, прими повеќе украински бегалци од која било друга земја.(МИА)

Поврзани вести