Skip to main content

Пиротехнички направи на шишиња за пијалоци го запалија таванот на барот „Констелејшн“ во Кранс-Монтана – Еве што велат сведоците

Според досегашните неофицијални информации во експлозијата во барот „Констелејшн“ во Кранс-Монтана во Швајцарија загинале неколку десетици луѓе, а околу 100 се повредени, објави Би-би-си.

Загинатите и повредените се од различни националности, но идентификацијата е отежната поради сериозноста од повредите настанати од тешки изгореници по телата.

Швајцарскиот „24 часа“ пренесе изјава на очевидец, кој чекал вести за еден од неговите братучеди, со кого заедно биле внатре за прославата на ногодишната ноќ. Младото момче опишало што се случувало во барот во моментот на експлозијата. Според неговото сведочење, кое се совпаѓа со сведочењето на друг сведок, пиротехничките направи поставени на шишиња со алкохол предизвикале пожар на таванот. Според него, таванот многу брзо се запалил, што потоа довело до паника и брзање кон излезот од салата што се наоѓа во подрумот, до кој се стигнува преку скали што водат до ходник.

Во меѓувреме, властите сè уште ја истражуваат официјалната причина за пожарот.

Еклеси Андреа, чистач на зградата до барот, ги примил евакуираните станари од зградата каде што се наоѓа барот „Ле Констелејшн“. Тој и неговата сопруга биле разбудени од вресоци.

„Луѓето врескаа, видовме црн чад, мирисаше ужасно. Брзата помош и пожарникарите пристигнаа многу брзо. Се облековме и се симнавме долу. Жителите на зградата излегоа во паника, се плашеа дека пожарот ќе се прошири на зградата. Многумина дојдоа кај нас, луѓето беа во паника. Им направивме кафе и останавме со нив до четири часот наутро“, опиша тој.

Семејствата на жртвите сè уште се без вести

Членовите на семејствата на лицата за кои се уште нема информации во каква состојба се и дали се живи, се упатуваат кон Конгресниот центар „Реган“ во Кран-Монтана, каде што властите поставија прифатен центар.

Родителите и членовите на семејствата доаѓаат во зградата со надеж дека ќе добијат информации за судбината на нивните најблиски.

„Замина. Никој не знае каде е“, извикува мајка што плаче и го бара својот син.

Повредените од кантонот Вале се транспортираат во болници во францускиот дел на Швајцарија. 10 хеликоптери кружат над небото транспортирајќи ги повредените.

Болницата HUG, каде што првото повредено лице беше примено во текот на ноќта, моментално се подготвува да прими дополнителни пациенти.

„Проценката на ситуацијата е во тек“, соопшти болницата во Женева.

Катастрофата се случува во време кога болниците веќе се соочуваат со исклучително голем број интервенции, што вклучува сезонски грип, празници и зимски несреќи.

Службениците ги замолија луѓето да бидат дополнително внимателни и да не бараат медицинска помош освен ако не е потребно.

Населението е повикано денеска од солидарност да избегнува секаков вид ризик, за да не се стави дополнителен товар врз веќе презаситениот здравствен систем.