Skip to main content

Брачен пар на меден месец загина во пад на хеликоптер на грчкиот остров Сифнос

Пилотот- грчки државјанин и британски брачен пар за време на нивниот меден месец, загинаа во падот на приватниот хеликоптер на грчкиот остров Сифнос, што се урна и запали вчера попладне, а во тек е истрага за причините за несреќата, јави дописничката на МИА од Атина.

Хеликоптерот падна вчера кусо по 18 часот во близина на хелиодромот во северниот дел на островот, по падот избувна пожар, а при интервенцијата на припадници на противпожарната служба на Грција беа извлечени безживотните тела на три лица.

Станува збор за хеликоптер од приватна компанија што работи со авио-такси превоз, а брачниот пар од Велика Британија го изнајмиле за од Атина да стигнат на Сифнос во рамки на нивниот меден месец.

Од Министерството за инфраструктура и транспорт на Грција соопштија дека причините за несреќата ќе ги истражува Националната организација за истрага на воздухопловни и железнички несреќи и безбедност на транспортот (ЕОДАСААМ).

Според грчките медиуми, ќе се истражува дали постоел проблем со моторот или дефект или падот бил предизвикан од човечки фактор, додека пак за клучен елемент во истрагата се смета видеото на кое наводно се снимени последните моменти пред падот, а на кое се гледа нестабилност на хеликоптерот, вртење и постепено почнува да паѓа.

Пилотот, 55-годишен Грк, според истите информации, бил исклучително искусен, со илјадници часови летање, бил воен пилот, а по пензионирањето продолжил професионално да работи како пилот на хеликоптер.

Хеликоптерот се урна во непосредна близина на хелиодромот каде што требало да слета.

Сифнос е дел од Кикладските острови и е во јужниот дел на Егејското море:(МИА)

Поврзани вести