![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/01/donald-tramp-1.png)
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Палестинците нема да имаат право да се вратат според неговиот план ако ги иселат од Газа.
Во интервју за Фокс њуз, чиј дел беше објавен денеска, на новинарско прашање дали Палестинците ќе имаат право да се вратат на териториите уништени од војната, Трамп одговори: „Не, нема, бидејќи ќе имаат многу подобро место за живеење“, рече тој.
Со други зборови, зборувам за тоа да им изградам нивно постојано место, бидејќи ако треба да се вратат сега, ќе поминат години пред да можат да живеат таму, вие не можете да живеете таму – додаде Трамп.
Кога Трамп минатата недела го прими израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Вашингтон, рече дека САД ќе ја преземат контролата врз Појасот Газа и дека ќе се ослободат од уништените згради со цел економски да ја развијат територијата. И според него, палестинското население треба да биде раселено. Неговите зборови беа осудени од многу земји во светот. Сега тој повтори дека Палестинците од Газа можат да одат да живеат во Јордан или Египет и покрај противењето на тие земји и многу други, како и на самите Палестинци, пренесуваат светските медиуми.
Во интервјуто, кое интегрално се очекува да биде објавено вечерва, американскиот претседател рече дека САД ќе градат „прекрасни заедници“ за околу два милиони жители на Газа.
Ќе можат да имаат пет, шест или две. Но, ќе изградиме безбедни заедници, малку подалеку од местото каде што се, каде е целата оваа опасност – додаде Трамп.
Посветен сум на купување и поседување на Газа. Кога станува збор за тоа ние да го обновиме, би можеле да дозволиме и другите земји на Блискиот Исток да изградат делови од него. Други луѓе би можеле да го направат тоа под наше покровителство. Но, ние сме посветени да бидеме сопственици, да го преземеме и да се погрижиме Хамас да не се врати“, рече Трамп без да објасни од кого ќе ја купи Газа и како САД ќе бидат сопственик на таа територија, пишува Би-Би-Си.
Тој вети дека „ќе се грижи за Палестинците“.
Тие не сакаат да се вратат во Газа, тие се враќаат само затоа што немаат алтернатива – рече тој.