
Глорија Стајнем, пионерка на движењето за ослободување на жените во САД и една од највлијателните личности во борбата за женски права, почина на 92-годишна возраст во својот дом во Њујорк, соопшти нејзината фондација.
Стајнем беше истакната новинарка, писателка и уредничка. Кариера ја започна во 1960-тите години, а славата ја стекна во 1963 година кога се маскираше како келнерка за да ги открие тешките и сексистички услови за работа на „Плејбој“ зајчиците. Пред повеќе од 50 години ја основаше организацијата „Women’s Action Alliance“, а учествуваше и во основањето на списанието „Ms.“ – едно од првите што наместо на домашните работи и убавината, се фокусираше на суштински општествени прашања важни за жените.
Таа беше еден од најистакнатите гласови во кампањата за репродуктивните права на жените, залагајќи се и за легализација на истополовите бракови, еднакви плати, укинување на смртната казна и спречување на женското генитално осакатување. Стајнем и самата извршила илегален абортус во Лондон на 22-годишна возраст, а подоцна ја поздрави историската пресуда „Роу против Вејд“ од 1973 година, сведочејќи и на нејзиното укинување речиси половина век подоцна, пишува Би-Би-Си.
Родена на 25 март 1934 година во Толедо, Охајо, Стајнем имала тешко детство и тргнала во училиште дури на 12 години. По завршувањето на факултетот заминала за Индија, каде им помагала на жени од руралните средини да организираат ненасилни протести, што го разбудило нејзиниот интерес за активизам. За својот долгодецениски придонес, американскиот претседател Барак Обама во 2013 година ѝ го додели највисокото цивилно одликување во САД – Претседателскиот медал на слободата.
Нејзината фондација соопшти дека таа останала посветена на активизмот, пишувањето и собирањето луѓе во рамките на иницијативата „Кругови на разговор“ („Talking Circles“) сè до самиот крај, оставајќи зад себе и претстојна книга со наслов „Неочекуван живот“.

Македонски


