Skip to main content

Новите американски царини за автомобили од ЕУ главно ќе ги погодат германските производители

freepik

Новата царина од 25 проценти за автомобили произведени во Европската Унија за увоз во САД би можела да резултира со дополнителни годишни трошоци за германскиот автомобилски сектор од 2,5 милијарди евра (2,9 милијарди долари), покажува истражување објавено денеска.

Како што пренесе ДПА, исто така, ќе има зголемени трошоци за извозот во САД од страна на германските производители на автомобили од производството во други земји на ЕУ, открива истражувањето на Центарот за автомобилски истражувања (ЦАР).

Шефот на ЦАР, Фердинанд Дуденхофер, рече дека новата царина, што вчера јја најави претседателот на САД Доналд Трамп, е јасно насочена кон Германија, иако ја погодува ЕУ како целина.

Бидејќи извозот на странските производители на автомобили во САД е помал, новите закани со царини од страна на Трамп можат да се интерпретираат како почеток на економска војна насочена кон Германија“, вели тој.

Дуденхофер истакна дека е малку веројатно производителите целосно да го преземат трошокот на царините на себе.

Ќе се направи обид дел од царините да им се префрли на клиентите во САД преку зголемување на цените“, додаде тој.

Тој забележува дека германските производители на автомобили имаат корист од силната лојалност кон брендот, што значи дека е малку веројатно купувачите автоматски да се префрлат на други брендови како одговор на повисоките цени.

Дуденхофер вели дека зголемените царини ќе имаат различно влијание врз производителите. Тој истакна дека Мерцедес и БМВ управуваат со големи производствени погони во САД и затоа се делумно заштитени од царините.

Теренските возила склопени во овие фабрики сочинуваат значителен дел од нивната продажба во САД. Од друга страна, Порше и Ауди се поизложени, што би можело да ги забрза плановите за формирање погони за склопување во САД, рече тој.

Дуденхофер предвидува дека генерално, царините веројатно ќе го зголемат притисокот врз производителите да го префрлат производството надвор од Германија.

Поврзани вести