
Руската нафтена групација „Лукоил“ денеска соопшти дека има намера да ги продаде своите меѓународни активи, како резултат на „воведувањето рестриктивни мерки против компанијата и нејзините подружници од страна на некои држави“.
Соопштението е објавено на веб-страницата на концернот.
Компанијата дополнува дека веќе е започнато разгледување на понудите од потенцијални купувачи.
Продажбата на имотот се спроведува во согласност со лиценцата за прекин на дејноста, издадена од Канцеларијата за контрола на странскиот имот (ОФАК) при Министерството за финансии на САД. Од „Лукоил“ планираат да поднесат барање за продолжување на лиценцата, доколку тоа е неопходно за да се обезбеди непрекината работа на нејзините меѓународни активи, се додава во соопштението.
САД минатата недела воведоа санкции против двете најголеми руски нафтени компании, „Роснефт“ и „Лукоил“, поради војната во Украина.

Македонски








