Европскиот совет ја потврдува својата поддршка за сеопфатен, праведен и траен мир во Украина заснован на принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право, во согласност со клучните принципи и цели на украинската Формула за мир и го нагласува принципот дека нема иницијатива во врска со Украина без Украина , па за таа цел ЕУ и нејзините земји членки ќе продолжат со глобални напори во тој правец и ќе учествуваат во дискусиите кои влијаат на безбедноста на Европа, се наведува во Заклучоците за Украина од денешниот Самит на ЕУ во Брисел.
– Денес, повеќе од 1000 дена од почетокот на целосната руска инвазија, Европскиот совет ја повторува својата решителна осуда на агресивната војна на Русија против Украина, што претставува очигледно кршење на Повелбата на ОН и ја потврдува својата континуирана поддршка за независноста, суверенитетот и територијален интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници. Тој, исто така ја потврдува непоколебливата посветеност на Европската Унија за обезбедување континуирана политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка на Украина и нејзиниот народ онолку долго и интензивно колку што е потребно. Русија не смее да надвладее, се наведува во документот.
Европскиот совет посочува и дека ја разгледал испорака на воена поддршка за Украина и за да и помогне на земјата ефикасно да се одбрани од руската агресија, повикува на итно засилување на напорите, особено за испорака на системи за противвоздушна одбрана, муниција и проектили, како и за обезбедување на потребната обука и опрема за украинските сили.
– Европскиот совет ја нагласува важноста од интензивирање на работата за понатамошна поддршка и развој на одбранбената индустрија на Украина и за продлабочување на нејзината соработка со одбранбената индустрија на ЕУ. Потсетуваме на важноста на имплементацијата на сите компоненти на иницијативата на Г7 за „вонредни заеми за забрзување на приходите за Украина“ (ЕРА), вклучително и компонентата за воени потреби, и повикуваме одлуките во рамките на Европскиот мировен фонд да бидат операционализирани што е можно поскоро. Советот, исто така, го повикува да се забрза зајакнувањето на мисијата на ЕУ за воена помош и поддршка на Украина, се вели во заклучоците.
Лидерите на ЕУ ја поздравуваат и имплементација на Украинскиот механизам во чии рамки во 2024 година се обезбедени 16,2 милијарди евра за Украина, а во 2025 година се очекува помошта да достигне 12,5 милијарди евра.
– Европскиот совет потсетува дека сета воена поддршка ќе биде обезбедена со целосно почитување на безбедносната и одбранбената политика на одредени земји членки и земајќи ги предвид безбедносните и одбранбените интереси на сите земји членки, се потенцира во заклучоците.
Совет силно ги осудува интензивните руски напади врз енергетската и друга цивилна инфраструктура на Украина пред почетокот на зимата и бара да се зголеми материјалната поддршка за земјата и да се забрза нејзината испорака со цел да се помогне за одржи во функција на украинската електрична инфраструктура во функција.
– Во овој контекст, Европскиот совет ги поздравува земјите членки, особено украинските соседи, за нивниот извоз на електрична енергија во Украина и ја нагласува потребата тој да продолжи да се зголемува. Советот, исто така, повикува на понатамошна интеграција на енергетските системи на Украина и на Молдавија во енергетската мрежа на Унијата како прашање на приоритет, посочуваат лидерите во завршниот документ од Самиот
Во текстот натаму се нагласува дека мора да продолжат напорите за дополнително ограничување на способноста на Русија да води војна и во овој контекст Европскиот совет го поздравува усвојувањето на 15-тиот пакет санкции против Русија и го повторува својот повик за целосно и ефективно спроведување на рестриктивните мерки и спротивставување на нивното заобиколување, вклучително и преку трети земји.
– Европската Унија останува подготвена да го засили притисокот врз Русија, вклучително и со усвојување дополнителни санкции. Руските средствата треба да останат замрзнати се додека Русија не престане со својата агресивна војна против Украина и не ја надомести штетата предизвикана од оваа војна, се додава во заклучоците.
Советот, исто така, остро ја осудува поддршката на трети земји, актери и ентитети на Русија, со што и овозможуваат да продолжи со агресијата врз Украина.
– Трансферот на оружје и продлабочувањето на воената соработка меѓу Русија и Северна Кореја и Иран, како и распоредувањето на севернокорејски воени сили во Русија и нивна употреба на бојното поле против Украина, претставуваат меѓународна ескалација на војната, со сериозни последици за меѓународниот мир и безбедност, се наведува во заклучоците.
При тоа, Европскиот совет ги повикува сите земји веднаш да прекинат со каква било директна или индиректна помош за Русија во нејзината агресивна војна против Украина.
– Европската Унија останува посветена на поддршката на закрепнувањето, обновувањето и реконструкцијата на Украина во координација со меѓународните партнери. Конференцијата за закрепнување на Украина, чиј домаќин ќе биде Италија во јули 2025 година, ќе биде важна во тој контекст. Европската унија ќе продолжи да соработува тесно со Украина и ќе ги поддржува нејзините реформски напори на нејзиниот европски пат, се додава во заклучоците за Украина од денешниот Самит на ЕУ.