
Принцот Ендрју ќе го напушти својот дом во Кралската ложа во Виндзор, откако Бакингемската палата му достави формално известување за раскинување на закупот.
Соопштено е дека кралот Чарлс започнал „формален процес за отстранување на стилот, титулите и почестите“ на својот брат, кој отсега ќе биде познат како Ендрју Маунтбатен Виндзор.
„Закупот на Кралската ложа досега му обезбедуваше правна заштита за да продолжи да живее таму. Сега е доставено формално известување за откажување од закупот, а тој ќе се пресели во алтернативен приватен сместувачки капацитет“, стои во соопштението на палатата.
Во соопштението се додава дека кралот и кралицата ги упатуваат своите „мисли и најдлабоки симпатии кон жртвите и преживеаните од сите форми на злоупотреба“.
Врските на Ендрју со осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн и натаму предизвикуваат контроверзии во британската јавност. Иако принцот ги негира обвинувањата, од палатата наведуваат дека имало „сериозни пропусти во проценката“.
Според Би-Би-Си, Ендрју ќе се пресели во имотот Сандрингам во Норфолк, кој ќе биде приватно финансиран од кралот. Неговата поранешна сопруга, Сара Фергусон, исто така ќе ја напушти Кралската ложа.
Одлуката на кралот ја поддржал и принцот од Велс. Лидерот на либералните демократи, Ед Дејви, ја оцени мерката како „целосно оправдана“, додавајќи дека „позицијата на Ендрју стана неодржлива, откако ја посрамоти својата функција и ја засрами земјата“.
 
                    
 
                         Македонски
Македонски








