Skip to main content

Кос: Работиме со полна брзина Украина да ги почне преговорите по кластери во првата половина од 2025

Решителноста и издржливоста на Украина на нејзиниот пат кон членство во ЕУ и покрај ужасните воени околности и големите човечки жртви, е навистина за пофалба, порача денеска во Киев еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Ние инвестираме за да го забрзаме процесот на зачленување на Украина во ЕУ. Ние сме посветени кон тоа како Украина да постигне значителен напредок што е можно побрзо и работиме со полна брзина на отворање на пристапните преговори по кластери веќе во првата половина на 2025 година, рече Кос на заедничката седница на Европската комисија и украинската Влада.

Како што јави известувачот од Киев на Европската новинска редакција (ЕНР), од која дел е и МИА, Кос нагласи дека за време на нејзината прва посета на Украина по стапувањето на должноста еврокомесар во декември мината година, украинскиот претседател Володимир Зеленски и рекол дека Украина оваа година сака да ги отвори сите шест кластери од преговарачкиот процес.

Има уште голем број чекори што треба да се преземат, но се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме Кластерот 1 – Основни вредности, Кластерот 2 – Внатрешен пазар и Кластерот 6 – Надворешни односи уште за време на Полското претседателство. Потоа имаме уште половина година за да ги отвориме останатите три, но за тоа мора да работиме напорно и од двете страни, додаде Кос.

Според неа, за да го одржи сегашниот моментум на напредокот, од клучно значење е Украина да продолжи со реформите со брзо темпо, а истовремено да обезбеди поддршка од целото општество, што вклучува партнерство на членовите на Врховната Рада, граѓанското општество и претставниците на приватниот сектор.

Додека одлуките за следните чекори остануваат во рацете на земјите членки, важно е да им обезбедиме солидна фактичка основа што ќе покажува напредок, додаде Кос.

Кос беше еден од членовите на Европската комисија, кои заедно со нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, неколкумина европски лидери и премиерот на Канада, Џастин Трудо денеска престојуваа во Киев по повод третата годишнина од почетокот на руската инвазија врз Украина, со цел да ја манифестираат поддршката за земјата во нејзината борба за независност и слобода.

Поврзани вести