
Над 90 милиони денари биле вложени во патната инфраструктура во Општина Демир Хисар во изминатата година, при што биле изградени и реконструирани повеќе од 10 километри улици и патишта, тврди ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека станува збор за најголемо годишно вложување во патната инфраструктура досега во општината.
Според информациите што ги објави ВМРО-ДПМНЕ, целосно биле реконструирани општинскиот пат Демир Хисар – Вардино и патот до Жван, а градежни активности биле реализирани и во Смилево, Загориче, Бараково, Сладуево, Стругово, Белче и Единаковци.
Во градот, како што наведуваат од партијата, биле реконструирани улиците „Маршал Тито“ и „Велко Влаховиќ“, со изградба на тротоари и уредување нови паркинг-простори.
ВМРО-ДПМНЕ најавува дека инвестицискиот циклус ќе продолжи и во наредниот период. Во план се реконструкција на патот Демир Хисар – Манастир „Св. Јован Претеча“ – Слепче, реконструкција на главната и изградба на шест споредни улици во Суводол и Кутретино, како и изградба и реконструкција на улици во Вирово и на улицата „Партизанска“ во Демир Хисар.
Најавени се и активности на општинскиот пат до Обедник и изградба на патот Сопотница – Манастир „Св. Атанасиј“.
Во партиското соопштение се наведува и дека се зајакнати техничките капацитети на Општината и ЈКП „Комуналец“. За трактор со приклучна механизација биле обезбедени 3,5 милиони денари преку Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, додека преку Министерството за локална самоуправа бил набавен ровокопач со утоварна корпа во вредност од 5.215.000 денари.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат и дека ЈКП „Комуналец“ добило две возила за собирање и транспорт на отпад како донација од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во Стругово, според партијата, проблемот со водоснабдувањето бил решен со изградба на нова препумпна станица. За следниот период е најавена и реконструкција на водоводната мрежа во Слепче и Загориче.
Во соопштението се наведуваат и инвестиции во образованието. Според ВМРО-ДПМНЕ, во образовните институции биле реконструирани училници и тоалети и биле набавени нови клупи, столчиња, паметни табли, телевизори и дидактички материјали. Со поддршка на Владата, како што се наведува, бил изграден и спортски комплекс со тениски и баскет терен, вреден 11 милиони денари.
Партијата посочува и на мерките за финансиска поддршка на семејствата. За новороденчиња, според објавените податоци, се издвојуваат 10.000 денари за прво, 12.000 за второ и 15.000 денари за третородено дете. Субвенцијата за првачињата била зголемена на 7.000 денари, а била воведена и субвенција од 10.000 денари за учениците запишани во гимназиска струка во Средното општинско училиште.
За социјално загрозените семејства, според ВМРО-ДПМНЕ, во изминатата година биле издвоени 1,2 милиони денари, а финансиска поддршка добиле и дваесетина невладини организации и здруженија.
Меѓу мерките што ги издвојува партијата е и бесплатниот јавен превоз во летниот период, организиран во соработка со ЈП „ДЕХИ ТРАНС“, со кој на жителите од подалечните населени места им бил овозможен бесплатен пристап до градот.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат и јавен повик за субвенции за набавка на клима-уреди пред почетокот на грејната сезона.
Како дел од вложувањата во културата, партијата го посочува и повторното отворање на киното во Домот на културата „Илинден“. Според нив, по речиси 20 години Демир Хисар повторно добил кино, откако бил набавен професионален кинопроектор.
Воедно, продолжила и финансиската поддршка за Демирхисарското културно лето, како и за други културни настани, концерти и активности.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека инвестициите и проектите ќе продолжат со цел подобрување на условите за живот во сите населени места во Општина Демир Хисар.

Македонски


