
Експерт за пожари го спореди инцидентот во Кран-Монтана со друга трагедија во ноќен клуб, нагласувајќи дека брзото излегување од објектот е клучно во овие случаи.
Евакуацијата е клучна кај пожарите во клубовите, како што е смртоносниот пожар на Нова година во Кран-Монтана, Швајцарија, но конфузијата може да влијае на тоа како луѓето ќе избегаат, вели експертот за пожари Глен Корбет за Си-ен-ен.
Студијата за пожарот во клуб во Род Ајленд во 2003 година, во кој загинаа 100 луѓе, покажа дека евакуацијата за помалку од две минути е всушност клучна за преживување, вели Корбет, кој е вонреден професор по наука за пожари на Колеџот за кривична правда „Џон Џеј“ во Њујорк.
„Успеавме да покажеме дека ако не излезете од таа зграда во рок од 90 секунди, во основа не сте излегле, и тоа е суштината на целата работа. Евакуацијата е неверојатно важна“, рече тој.
Конфузијата игра голема улога додека посетителите се обидуваат да избегаат, не знаејќи што се случува, вели Корбет, осврнувајќи се на снимките од луѓе што го гледаат пожарот во Кран-Монтана.
„Нема време да се размислува за тоа“, нагласува тој, додавајќи дека „токму тоа се случи во Род Ајленд, каде што луѓето не видоа, не разбраа што се случува, но брзо излегоа“.
Зборувајќи за процесот на евакуација, Корбет посочи дека клубот „Ле Констелашн“ „можеби бил под нивото на земјата“, што дополнително го комплицирало излезот.
„Луѓето не се движат брзо по скалите, особено кога станува збор за ситуација слична на толпа, па затоа би можеле да утврдиме и дека некои луѓе не успеале да излезат затоа што биле заробени во таа толпа, не можејќи доволно брзо да се искачат по скалите за време на тоа огромно движење на голем број луѓе“, објаснува тој.
Пет дена жалост
Швајцарските истражители брзаат да ги идентификуваат жртвите од пожарот во која загинаа најмалку 47 луѓе, а 115 се повредени.
Швајцарскиот претседател Ги Пармелен објави дека неговата земја ќе ја одбележи трагедијата со петдневна жалост и го опиша пожарот како еден од најтрауматичните настани во историјата на Швајцарија, објави денес „Гардијан“.
„Тоа беше драма од невидени размери“, рече тој, оддавајќи почит на „младите животи што беа изгубени и прекинати“. Швајцарија им го должи тоа на оние млади луѓе чии планови, надежи и соништа беа прекинати за да се осигури дека таква трагедија никогаш повеќе нема да се случи, додаде претседателот.
Претседателот на Швајцарија рече дека некои од преживеаните се сериозно повредени, дека претрпеле тешки изгореници и оштетување на белите дробови.
Повредените биле испратени во болници во Сион, Лозана, Женева и Цирих, а многу други биле транспортирани во соседните земји.
Некои од оние што беа во пожарот беа посетители на ски-центарот од соседните земји.
Италијанското Министерство за надворешни работи објави дека 16 италијански државјани се водат како исчезнати, а дека меѓу повредените има 12 италијански државјани. Франција потврди дека осум нејзини државјани се водат како исчезнати и дека не може да ја исклучи можноста дека меѓу загинатите има Французи. Еден Австралијанец е меѓу повредените.
Меѓу исчезнатите во пожарот е и еден Македонец, по кого трага неговото семејство.

Македонски






