Skip to main content

Кипрани пакуваат ранци за итна евакуација и бараат скривници

Помина нешто повеќе од еден ден откако пламените на војната, што ги разгореа Израел и САД на Блискиот Исток, стигнаа и до Кипар. Пред полноќ во неделата, кога британската воздухопловна база во Акротири беше погодена од дрон, секоја приказна за засолништа за време на војна, евакуација на населби од страв од воени напади и противбалистички штитови изгледаше прилично неумесно и претерано. Сепак, од понеделник наутро, островот живее во атмосфера налик на воена, пишува „Катимерини“.

Властите и медиумите во Кипар внимателно ги следат случувањата по нападот врз британската воена база во Акротири, додека дел од жителите приватно изразуваат страв од можна ескалација на конфликтот.

Службите за цивилна заштита ја потсетуваат јавноста на апликацијата што ги покажува најблиските засолништа, околу 2.500 низ целата земја, а Министерството за внатрешни работи објави препораки што треба да содржи „итен ранец“ за евакуација, како вода, свирче и готовина.

Ситуацијата особено погоди околу илјада жители на Акротири, кои првпат по децении слушнале сирени за тревога и добиле пораки за задолжителна евакуација кон средното училиште во Епископи, откако два дрона, лансирани од либанската група Хезболах од околината на Бејрут, биле пресретнати и урнати во морето.

Евакуираните жители биле сместени кај роднини и пријатели, во хотели во Лимасол, а дел од семејствата засолниште нашле и во манастир во близина на градот.

Кипарските власти настојуваат истовремено да испратат порака дека се подготвени за можни безбедносни закани, но и дека земјата не е директно вклучена во конфликтот. Според владата, Франција, Германија и Велика Британија испраќаат ракетни батерии, воени бродови и системи за борба против дронови на островот, по дипломатските контакти на претседателот Никос Христодулидис.

Во неформални разговори со новинари, владини претставници нагласуваат дека цел на нападите биле британските контролирани територии во Акротири, а не самата држава, при што особена загриженост предизвикува можниот негативен ефект врз туризмот во пресрет на летната сезона.

Властите апелираат граѓаните да не паничат и да се информираат само од официјални извори, додека во меѓувреме се засилени и контролите на граничните премини поради страв од можни закани преку турскиот дел од островот.

Поврзани вести