Skip to main content

Катар знаел дека Израел ќе ги гаѓа?

 Израелскиот напад врз претставници на Хамас во Доха претставува „голема непријатност“ за американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти Белата куќа.

– Едностраното бомбардирање на Катар, суверена нација и близок сојузник на САД, која вредно, храбро и ризично преговара за мир, не ги унапредува целите на Израел или Америка, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролајн Левит.

Таа додаде дека за Трамп, Катар е силен сојузник, пријател на САД и оти на претседателот „му е многу непријатно поради локацијата на нападот“.

Левит посочи дека Катар бил предупреден за денешниот израелски напад во кој загинаа шест луѓе.

По нападот Трамп разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ал Тани. Американскиот претседател „ги уверувал катарските лидери дека такво нешто нема да се повтори на нивна територија“.

Но, портпаролот на Министерството за надворешни работи на Катар, Мајед ал Ансари изјави дека Катар не бил однапред известен за израелскиот напад во Доха.

– Известување од еден американски претставник пристигна откако се слушнаа експлозиите, објави ал Ансари на платформата Икс.

Претходно Хамас соопшти дека во израелскиот напад загинале шест лица, но оти преговарачкиот тим преживеал.

– Го потврдуваме неуспехот на непријателот да изврши атентат на нашата преговарачка делегација. Нападот е потврда дека (премиерот Бенјамин) Нетанјаху и неговата Влада не сакаат да постигнат никаков мировен договор, се наведува во соопштението на Хамас.

САД се соученици во ова злосторство, поради нивната континуирана поддршка на агресијата и злосторствата на окупацијата над нашиот народ, истакнува Хамас.

Хамас и претходно објави дека израелскиот напад бил насочен кон нивната преговарачка делегација, додека израелската армија тврди дека мета било раководството на Хамас

Поврзани вести