
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на денешната прес-конференција изјави дека неговата земја се надева на „сојузничка позиција во Европа, ЕУ и САД“ во, како што ја нарече, „неправедната војна“ против Украина, јави Би-Би-Си.
– Не е лесно, но Киев работи на тоа, изјави Зеленски, додавајќи дека Украина се обидува да организира средби, без да открие детали за учесниците.
Зеленски, исто така, нагласи дека нема да дозволи никој да го замени како лидер во моментов, бидејќи неговиот рејтинг останува висок. Според анкета на која се повика, 58 отсто од Украинците имаат доверба во него како претседател.
Украинскиот лидер предупреди дека земјата е изложена на „големи дезинформации“ од Русија и ја поврза со изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп. – Со сета почит кон претседателот Трамп… тој живее во тој дезинформациски простор, рече Зеленски.
Оваа изјава доаѓа откако Трамп тврдеше дека Зеленски има рејтинг од само 4 проценти – навод што украинскиот претседател го отфрли како руска дезинформација.
– Имаме докази дека оваа дезинформација се шири од Русија и дека овие бројки се споменуваат во разговорите меѓу Америка и Русија, рече тој.
Зеленски се осврна и на предлогот на Трамп со кој САД би добиле процент од украинските ретки минерали, вклучувајќи литиум и титаниум.
– Го одбив тоа затоа што во првиот нацрт беше наведено дека Украина треба да им даде на САД 50 проценти од сопственоста врз тие ресурси, без никакви безбедносни гаранции, објасни Зеленски.
– Јас ја штитам Украина, не можам да ја распродадам. Не можам да ја распродадам нашата држава, додаде тој.
Според него, трошоците на војната досега достигнале 320 милијарди долари – од кои 120 милијарди ги покриле украинските граѓани преку даноци, а 200 милијарди дошле од САД и ЕУ. Од оваа помош, САД испратиле 67 милијарди долари воено и буџетско финансирање.
Трамп претходно изјави дека САД би сакале еквивалент на 500 милијарди долари од украинските минерали како дел од нивната поддршка, но Зеленски ја отфрли оваа бројка.
– Не е 500 милијарди – тоа не е сериозен разговор, рече тој.
Украинскиот претседател, исто така, реагираше на тврдењата дека 90 проценти од американската помош за Украина доаѓа од САД, нагласувајќи дека „вистината е на друго место“. – Но, ние сме им благодарни за поддршката, додаде тој.
Прес-конференцијата на Зеленски ја откри длабоката разлика во ставовите меѓу него и Трамп, како и ризикот Украина да ја изгуби поддршката од Вашингтон. Некои веќе сметаат дека тоа веќе се случило, посочува Би-Би-Си.
Зеленски ја коментираше и посетата на специјалниот пратеник на Трамп за Украина, Кит Келог, кој утрово пристигна во Киев.
– За мене е многу важно тој самиот да прошета по улиците на Киев и другите градови, за да ја види вистинската ситуација и да се спротивстави на руските дезинформации, рече Зеленски. Тој додаде дека Келог претходно изјавил дека „20-30 отсто од главниот град исчезнале и дека сè е уништено“. – Сакам да види сè со свои очи. И потоа да разговара со луѓето – дали имаат доверба во својот претседател, дали му веруваат на Путин? Нека ги праша што мислат за Трамп и неговите коментари, рече Зеленски.
Тој понуди и да го однесе Келог на првата борбена линија за да разговара со украинските војници.
Експертите истакнуваат дека Трамп сè повеќе се поставува како „посредник меѓу двете страни“, додека претходната администрација на САД беше клучен сојузник на Украин