
Јапонија денеска ќе почне со ослободување на нафта од своите стоковни резерви, бидејќи се очекува увозот на сурова нафта значително да се намали од крајот на март поради затворањето на Ормускиот теснец, кој е клучен за транспорт на нафта на светскиот пазар, изјави денеска главниот секретар на кабинетот, Минору Кихара.
Планираме да вложиме напори за (нафтата од стоковните резерви) непречено да циркулира на пазарот – рече Кихара, пренесува агенцијата Кјодо.
Тој додаде дека владата „ќе продолжи да ги презема сите можни чекори за да обезбеди стабилно снабдување со енергија, преку меѓународна координација и без исклучување на какви било опции“.
Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) вчера соопшти дека „наскоро ќе почне“ планираното координирано ослободување на нафта од стоковните резерви од страна на нејзините 32 земји-членки, вклучувајќи ја и Јапонија. Минатата недела беше соопштено дека земјите ќе стават на пазарот 400 милиони барели нафта, како одговор на прекините настанати поради конфликтот на Блискиот Исток.
Јапонската влада ќе ги намали задолжителните 70-дневни резерви за рафинериите за нафта и трговските компании, според јапонскиот закон за складирање нафта, на 55 дена, а минатата недела јапонската премиерка Санае Такаичи соопшти дека од стоковните резерви ќе бидат достапни околу 80 милиони барели нафта, што е најголемата количина досега ослободена од стоковните резерви.
Таа количина нафта е еквивалентна на 45 дена домашна потрошувачка и е 1,8 пати поголема од онаа што беше ослободена од стоковните резерви по разорниот земјотрес и цунамито во 2011 година, кои го опустошија североисточниот дел на Јапонија.
Заклучно со крајот на 2025 година, Јапонија имаше резерви од приближно 470 милиони барели нафта, што е еквивалентно на 254 дена домашна потрошувачка, од кои 146 дена беа во државна сопственост, 101 ден во приватниот сектор, а остатокот заеднички го складираат земјите производители на нафта. Ова е седми пат како се користат јапонските резерви на нафта, од почетокот на системот за резерви во 1970-тите.
Јапонија увезува повеќе од 90 отсто од својата сурова нафта од Блискиот Исток, што ја прави многу ранлива на затворањето на Ормускиот теснец, кое го спречи транспортот на нафта и гас од добавувачите во Персискиот Залив, и наглиот пораст на цените на суровата нафта од почетокот на војната на Блискиот Исток на 28 февруари.

Македонски

