Skip to main content

Израел нареди евакуација на 20 градови и села во јужен Либан

IDF

Израелската армија нареди евакуација на жителите од 20 градови и села во јужен Либан, јави ДПА.

Армијата објави дека од синоќа имало неколку напади со беспилотни летала од страна на либанската милиција Хезболах врз северен Израел.

Портпаролот на армијата, Авичај Адрае, на Икс на арапски јазик објави дека жителите треба веднаш да ги напуштат своите домови за сопствена безбедност и да се преселат северно од реката Захрани. Секој што престојува во близина на борците на Хезболах, нивните објекти или муниција го става својот живот во опасност, напиша тој.

Првично не беше јасно колку луѓе беа погодени од евакуацијата.

По повикот за евакуација, либанските безбедносни извори објавија за жестоки израелски напади со борбени авиони, беспилотни летала и артилерија врз цели во погодените заедници – на пример, Кфар Руман, Набатија и блиските ридови, пренесува ДПА.

Некои области, вклучувајќи го поголемиот дел од Набатија и Кфар Руман, веќе беа практично напуштени пред најновото предупредување. 

Израелската војска првично не ги потврди нападите, пренесува германската агенција .

Израелската армија претходно објави неколку предупредувања за воздушни напади во северен Израел по сомнителните напади со беспилотни летала од страна на Хезболах. Меѓу погодените области беа пограничните градови Метула и Мисгав Ам.

Израелските трупи навлегоа во јужен Либан и еднострано прогласија области за „безбедносни зони“.

Поврзани вести