
Израелската армија изврши воздушни напади врз „воени локации“ на либанското шиитско движење Хезболах во јужен Либан денеска, откако напад со дрон претходно во текот на денот уби едно лице и повреди неколку други, вклучувајќи ученици во автобус.
Новиот бран напади се случи во услови на ескалација на тензиите меѓу Израел и милитантната група.
Во воздушен напад вчера загинаа 13 лица во палестинскиот бегалски камп Аин ал-Хилаве, што е најсмртоносниот израелски напад откако стапи на сила прекинот на огнот во војната меѓу Израел и Хезболах пред една година.
Израелската армија предупреди попладнево дека ќе погоди цели во неколку села во јужен Либан, нарекувајќи ги „локации на Хезболах“, и ги повика луѓето таму да се евакуираат. Повеќе од еден час подоцна, започнаа напади во селата Шехур и Деир Кифа. Немаше непосредни извештаи за жртви.
Претходно денеска, во израелски воздушен напад врз автомобил во јужнолибанското село Тири загина едно лице и беа повредени 11 други, вклучувајќи ученици во автобус, објави либанското Министерство за здравство и државните медиуми.
Државната Национална новинска агенција (ННА) објави дека училишен автобус минувал во близина на автомобилот кога тој бил удрен. Возачот на автобусот и неколку ученици се повредени.

Македонски








