Skip to main content

Избори во Унгарија: Двете страни посочуваат анкети на кои водат

Во пресрет на изборите во Унгарија, продолжува напливот на анкети со спротивставени резултати.

Анкетата на агенцијата Публикус, која беше објавена во петокот, покажува дека партијата Тиса на Петар Маѓар води со дури 52 проценти кај граѓаните, наспроти 39 проценти кои се определиле за владејачката Фидес на Виктор Орбан.

Поддржувачите на опозицијата се повикаа на оваа анкета како доказ дека изборниот ден ќе помине во нивна полза и дека посетата на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на Будимпешта и денешната порака на поддршка од Трамп не дале резултат.

Сепак, агенцијата Публикус, која ја спроведе анкетата, се смета за поврзана со левицата. Нивните резултати се земаат со резерва, особено по сериозните промашувања на изборите во 2018 и 2022 година, кога процениле дека Фидес на Виктор Орбан ќе освои далеку помалку гласови од конечниот резултат.

Золтан Ковач, портпарол на премиерот Орбан, реагираше на анкетата со споделување анкети од десно ориентирани агенции, на кои се предвидува изедначена трка на пропорционална листа, а значителна предност на Фидес на мнозинската листа, на која ќе се изберат околу половина од пратениците. Ковач сподели мапа на која се гледа дека скоро цела Унгарија е обоена во портокалово – бојата на Фидес.

Надуените анкети се објавуваат со цел да се остави простор за недоверба. Анкетарите кои се блиски со Тиса предвидуваат сигурна победа, па дури и двотретинско мнозинство за Петар Маѓар. Маѓар сега тврди дека е невозможно да загуби. Но, што ќе се случи ако реалноста не одговара на нивниот наратив? По месеци на пренапумпани очекувања, пораз за нив нема да биде само изненадување туку и нешто невозможно. А штом се помине таа граница, тие ќе ги доведат резултатите под прашалник, изјави Ковач во врска со последните анкети.

Анкетите спроведени од агенциите блиски до Фидес покажуваат дека владејачката партија ќе доминира со руралните области на Унгарија и ќе освои над 60 пратеници од мнозинската листа, додека на Тиса и предвидуваат под 40 пратеници, и тоа главно од изборните единици во Будимпешта и другите урбани средини.

Од Фидес сметаат дека добар резултат на мнозинската листа ќе им донесе победа, дури и ако резултатите на пропорционалната листа се изедначени.

Низ текот на изборната кампања, партијата Тиса и повеќе европски и американски медиуми кои тесно ги следат изборите во Унгарија посочуваа на поволните анкети од агенции како Публикус и Медиан, додека приврзаниците на Фидес споделуваат анкети од агенцијата Нежопонт и од американската Меклафлин групација.(МИА)

Поврзани вести