
Одлуката на судија од Апелацискиот суд во Плоешти да го поништи и суспендира решението на Уставниот суд од 6 декември 2024 година, со кое беа поништени претседателските избори одржани во ноември минатата година, предизвика лавина реакции во Романија, објавија локалните медиуми.
Оваа одлука, донесена само десет дена пред првиот круг на претседателските избори закажани за мај, создава „невиден правен хаос“, според телевизијата Диџи 24.
Обвинителството при Апелацискиот суд во Плоешти вечерва соопшти дека поднело жалба против одлуката, пренесе Аџерпрес. Министерот за правда Раду Маринеску истакна дека сегашното законодавство не дозволува судовите да носат одлуки за блокирање или поништување на решенијата на Уставниот суд. – Законот не дозволува конкретни одлуки од административното право за суспензија или поништување на решенија или одредби на Уставниот суд, рече тој, додавајќи дека одлуката не е конечна и нема да влијае на изборите во мај.
Централната изборна комисија соопшти дека работата на сите изборни комисии продолжува согласно постојните процедури за избор на претседател. Пратеничката од Национал-либералната партија Алина Горгиу, поранешна министерка за правда, ја нарече одлуката „апсурдна“ и нагласи дека таа нема правни последици, бидејќи изборниот процес во мај се заснова на друга владина одлука. Тудорел Тоадер, поранешен член на Уставниот суд и министер за правда од Социјалдемократската партија, за Аџерпрес изјави дека одлуките на Уставниот суд се конечни и не подлежат на жалба.
Одлуката на судот во Плоешти беше поздравена од лидерот на националистичкиот Алијанс за обединување на Романците (АУР), Џорџе Симион, кој е кандидат за претседател и според анкетите води во трката. „Го поддржувам враќањето на демократијата, уставниот поредок и владеењето на правото: тоа значи ‘Вратете го вториот круг’“, напиша Симион на Фејсбук. Независниот кандидат Виктор Понта изјави дека повторувањето на вториот круг би било „позитивно политичко решение“ доколку судиите го потврдат тоа.
Европратеничката и лидер на крајнодесната партија СОС Романија, Диана Шошоака, чија кандидатура за претседател беше одбиена и минатата и оваа година, изјави дека изборите во мај би можеле да бидат поништени врз основа на одлуката од Плоешти. Елена Ласкони, лидер на Сојузот за спас на Романија (ССР) и кандидатка за претседател, пак, нагласи дека „втор круг веќе не е можен“. Доколку изборите не беа поништени, Ласкони ќе се соочеше во вториот круг со крајнодеснчарскиот независен кандидат Калин Џорџеску, кој победи во првиот круг на 24 ноември 2024 година.
Уставниот суд на Романија на 6 декември 2024 година го поништи првиот круг на изборите, откако разузнавачки информации укажаа на сомнежи за руска вмешаност, што Москва го негира. Кандидатурата на Џорџеску, против кого се води истрага за неколку кривични дела, беше одбиена за овогодишните избори. Одлуката на судот во Плоешти може да се обжали во рок од пет дена пред Врховниот касационен суд.
Претседателските избори се закажани за 4 мај (прв круг) и 18 мај (втор круг)