Skip to main content

Германија е во длабока економска криза, предупредуваат индустријалците

yannic-kres-on-unsplash

Германија е во длабока економска криза, објави здружението на индустријалците БДИ, проценувајќи дека активноста во најголемата економија во еврозоната благо ќе се намали и во 2025 година.

Доколку се оствари прогнозата на БДИ за пад на активноста од 0,1 отсто во новата година, тоа би значело дека бруто домашниот производ (БДП) ќе опаѓа три последователни години првпат од обединувањето на Германија.

И додека германската економија бележи пад на активноста, еврозоната се очекува да порасне за 1,1 отсто, а глобалната за 3,2 отсто, покажуваат проценките на германското здружение. Тоа значи дека Германија би го задржала своето место меѓу членките на еврозоната со слаби економски перформанси.

Ситуацијата е многу сериозна, особено во индустријата која претрпе структурен колапс, рече во Берлин претседателот на БДИ, Петер Лајбингер.

Според него, економската криза не е само последица на пандемијата и војната во Украина.

Проблемите се од домашна природа и се резултат на структурните слабости од 2018 година кои владите не успеаја да ги решат. Итно се потребни јавни инвестиции во модерна инфраструктура, трансформација и отпорност на нашата економија, посочи Лајбингер.

Според него, на германската економија ѝ се потребни и пониски цени на енергијата, полесни регулативи и јасна стратегија која ќе ги зајакне иновациите и истражувањето.

За Германија е важно повторно да покаже самодоверба и повторно да игра водечка улога во ЕУ, а Европа треба да биде стратешки помалку зависна, нагласува Лајбингер.

Поврзани вести