Генералниот секретар на НАТО Марк Руте во четвртокот на панелот на Светскиот економски форум (WEF) во швајцарски Давос изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е „во право“ и дека Европа издвојува премалку за одбрана.
„Тој (Трамп) е во право дека проблемот не е во САД. Проблемот е Европа. Делумноблагодарејќи нему го видовме ова подобрување во однос на издвојувањето на европската страна на НАТО. Проблем број еден е што ние сè уште не сме на два отстоо од БДП-то (издвојување за одбраната)“, рече Руте на панелот „Украински појадок“.
Како друг проблем, Руте посочи дека „два проценти не се ниту приближно доволни“.
НАТО претходно постави цел да троши 2 отсто од БДП за одбраната, а Трамп неодамна изјави дека земјите од НАТО треба да потрошат пет отсто од бруто домашниот производ.
Некои функционери и аналитичари веруваат дека предлогот на Трамп од пет проценти е намерно висок за да започнат преговорите и очекуваат договорот да биде некаде околу три проценти.
„Сега сме безбедни, но НАТО нема да може колективно да се брани за четири или пет години ако останеме на два отсто“, рече Руте.
Додаде дека неговиот претходник Јенс Столтенберг започнал процес кој ќе заврши во мај или јуни оваа година „додека да одлучиме што точно ни е потребно во однос на капацитетот“.
„Сите (земји-членки) кои не се на два проценти мора да достигнат два проценти во следните неколку месеци. Не можеме подолго да чекаме, а тоапг тоа мораме колективно да го зајакнеме, а за точната бројка ќе одлучими подоцна годинава, но ќе биде зналително повеќе од два“, најави Руте.
Нагласи дека, исто така, е неопходно и да се зајакне индустриското производство, што во моментов не го прават ниту Европа, ниту САД.
„Кина произведува шест пати побрзо од САД, а целото НАТО, од Калифорнија до Анкара, произведува толку муниција за една година колку што Русија произведе за три месеца“, рече Руте.
Тој, исто така, предупреди дека кинеското производство не е „ѓубре како што беше пред 20 години“.
„Бродовите што ги градат сега, а сега имаат поголема морнарица од американската, се многу подобри, а барем на исто ниво по квалитет. А тоа е проблемот што го имаме во рамките на НАТО, … сакаме да имаме совршенство, а не ни е е потебно секогаш совршенство“, предупреди Руте.
Додаде дека НАТО нема доволно иновации, колективно купување или потпишување „големи договори со индустриите“.
„Работиме на сиве овие работи и можеме да ги решиме, тоа е добрата вест. Останувам многу оптимист, можеме да се справиме со тоа: трошоците за одбрана, индустриското производство, Украина“, рече Холанѓанецот.
Но истакна дека САД мора да останат вклучени и да направат сѐ што можат за да ја стават Украина во силна позиција кога ќе почнат мировните преговори.
Руте им порача на Европејците дека ќе ја платат сметката доколку новата администрација на Трамп е подготвена да продолжи да ја снабдува Украина со нејзината одбранбена индустрија.
„Мораме да бидеме подготвени да го сториме тоа, бидејќи во моментов тие плаќаат повеќе од Европејците, а Трамп е во право за тоа. Тоа е глобален конфликт, но Украина е поблиску до Европа отколку до САД“, рече Руте.