Skip to main content

ЕУ предвиде 1,9 милијарди евра за хуманитарна помош за 2025 година 

Европската Унија за својот основен хуманитарен буџет за 2025 година одвои 1,9 милијарди евра, со што останува водечки глобален донатор на хуманитарна помош.

Според еврокомесарката за еднаквост, подготвеност и справување со кризи Хаџа Лабиб, ЕУ останува посветена да им помогне на оние на кои хуманитарна помош им е најпотребна, чија бројка за 2025 година е проценета на над 300 милиони луѓе.

Нашата хуманитарна помош ќе ги поддржи нашите партнери на терен – агенциите на ОН, организациите на Црвениот крст и Црвената полумесечина, државните и локалната власт и невладините организации, со цел да обезбедат итна помош онаму каде што е потребно, изјави Лабиб.

Сепак, според неа, самото одвојување на средства за хуманитарна помош не е доволно, туку треба да се создадат услови таа да биде доставена до оние на кои им е потребна.

Го повторувам мојот повик за безбеден и непречен пристап на помошта до луѓето на кои им е потребна. За ова е потребно сите страни да го почитуваат меѓународното хуманитарно право, додаде Лабиб.

Ова е многу важен ден за Европа, бидејќи првпат на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) ќе се соберат не само земјите членки, туку и партнерите со европска перспектива, изјави белгиската минис

Од предвидените средства на ЕУ за помош за 2025 година, 375 милиони евра ќе бидат наменети за поширокиот регион на Блискиот Исток, каде хуманитарната ситуација останува исклучително акутна и кревка, особено во Појасот Газа, како и значителни промени во последните месеци, пред се во Сирија.

За Украина, која е пред прагот на третата година од почетокот на руската агресија, се распределени е 140 милиони евра. Дополнителни уште осум милиони евра се наменети за хуманитарни проекти поврзани со украинските бегалци во соседна Молдавија.

За Северна Африка и Јемен се предвидени 95 милиони евра, кои ќе бидат наменети за справување со сложените политички, економски и социјални предизвици на кои се изложени земјите во овој регион.

За поддршка на ранливите категории население во останатиот дел од Африка се наменети вкупно 510 милиони евра, пред се за земјите од регионите на Сахел, на басенот на езерото Чад, на Централна Африка, на Големите езера и на Рог на Африка, како и за северозападна Нигерија.

Вкупно 113 милиони евра се предвидени за решавање на внатрешните и регионалните последици од случувањата во Венецуела, како и за потребите на најранливите категории граѓани погодени од вооружените конфликти во Колумбија, сложената криза во Хаити и насилството во земјите од Средна Америка, Мексико и Еквадор.

Околу 182 милиони евра ќе бидат наменети за хуманитарна помош во Азија, особено за кризата во Мјанмар и нејзиното влијание врз Бангладеш, како и за Авганистан.

Покрај ова, уште 35 милиони евра се предвидени за регионите на Јужна Африка и на Индискиот Океан, како и пет милиони евра за Јужниот Кавказ и Централна Азија.

Уште над 295 милиони евра се резервирани за други активности во светот, како би биле наметнати од итни случаи или непредвидени хуманитарни кризи кои би се појавиле во текот на годината.

Дополнително, над 110 милиони евра ќе бидат наменети за иновативни проекти и иницијативи за повеќегодишни програмски партнерства и зголемување на капацитетите за одговор на кризи.

Европската комисија од 1992 година има обезбедено хуманитарна помош за стотици милиони луѓе ширум светот во над 110 земји.

Паралелно со ова, Европската комисија внимателно го следи начинот на користењето на доделените средства од фондовите на ЕУ преку својата глобална мрежа на хуманитарни експерти и инсистира на цврсти правила за да се осигура дека нема да има злоупотреби на помошта.

Поврзани вести