
Руските системи за противвоздушна одбрана во текот на изминатата ноќ пресретнаа и уништија 21 украински дрон во неколку руски региони, вклучувајќи два дрона што беа насочени кон Москва, соопшти руското Министерство за одбрана.
Руските медиуми го цитираат министерството кое наведе дека од 23 часот синоќа по московско време до 7 часот утринава пресретнати биле 21 дрон.
Меѓу нив, седум над Смоленскиот регион, шест над Брјанскиот регион, три над Орјолскиот регион, три над Московскиот регион, од кои два беа насочени кон Москва, како и по еден над Калушкиот и Тверскиот регион.
Од друга страна, руските дронови ноќеска погодиле над 10 локации во градот Суми, при што биле запалени станбени згради, објави началникот на воената администрација на градот Суми, Сергеј Кривошејенко.
-Нападот се случи околу полноќ, кога непријателот започна масовен напад врз градот, рече Кривошејенко и додаде дека нема пријавени жртви, објави Укринформ.
Гувернерот на регионот Суми, Олег Хригоров, потврди дека напади со беспилотни летала се регистрирани и во населбата Роменска.
Поради влијанието врз клучните инфраструктурни објекти, имаше прекин на електричната енергија во делови од Сумскиот регион