
Азербејџан и Ерменија се согласија да не дозволат распоредување на воени сили од трети земји по должината на нивната заедничка граница, објави азербејџанската агенција Азертек.
Тоа е дел од договорот за воспоставување мир и меѓудржавни односи меѓу Азербејџан и Ерменија, инициран од министрите за надворешни работи на двете земји. Во документот се нагласува дека страните, во исчекување на конечното утврдување и демаркација на нивната граница, ќе спроведат меѓусебно договорени мерки за безбедност и градење доверба (вклучително и во воената сфера) со цел да се обезбеди стабилност и безбедност во граничните области.
Текстот на договорот беше презентиран на 8 август 2025 година, во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, ерменскиот премиер Никол Пашинјан, ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан и неговиот азербејџански колега Џејхун Бајрамов.
„Страните се согласуваат во рок од еден месец од стапувањето во сила на овој Договор: да ги повлечат, отфрлат или на друг начин да ги решат сите меѓудржавни барања, жалби, приговори и спорови што се појавиле меѓу нив пред неговото потпишување, без оглед на правниот форум во кој биле покренати; да не поднесуваат нови барања, жалби, приговори или постапки по овие прашања; да не учествуваат на никаков начин во слични тужби покренати против другата страна од трета страна“, се наведува во документот.
„Страните нема да преземаат, охрабруваат или учествуваат на никаков начин во какви било непријателски дејствија едни против други што се спротивни на овој Договор, во дипломатската, информативната и друга област, и ќе одржуваат редовни консултации за таа цел“, се додава во текстот.
Како резултат на заедничкото барање од шефовите на дипломатиите на Азербејџан и Ерменија до претседателот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), формално се прекинати активностите на Минската група и нејзините сродни структури, вклучувајќи ја работата и на личниот претставник на претседателот на ОБСЕ за конфликтот што го разгледува Минската конференција на ОБСЕ, како и Групата за планирање на високо ниво.