
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави интензивирање на реализацијата на неколку капитални проекти во главниот град, меѓу кои завршување на дел од проектот „Лимак“, изградба на две училишта, нова противпожарна станица и активности за возобновување на лунапаркот.
Ѓорѓиевски во емисијата „Клик плус“ на ТВ „21“ рече дека проектот „Лимак“ е еден од најзначајните инфраструктурни зафати за Скопје, кој, според направените студии, треба да го намали сообраќајниот метеж за најмалку 33 проценти.
– „Лимак“ е еден од најзначајните капитални проекти во главниот град, кој, според сите сообраќајни студии, за 33 проценти најмалку ќе го намали сообраќајниот метеж во главниот град. Тоа е државнички потег и проектот не е само градски. Е, сега, целта ни е во втората половина од следната година да го завршиме овој дел, фазата од Кисела Вода, таму содржи два кружни тека, големи, пристапната рампа во тунелот и сè друго и напоредно да влеземе во процес со последната фаза, тоа е кај „Нова Македонија“ – рече Ѓорѓиевски.
Меѓу инфраструктурните зафати градоначалникот Ѓорѓиевски ја посочи и изградбата на третата лента на влезот во Скопје, во општина Гази Баба, која исто така е планирана за в година, а воедно најави и изградба на две нови училишта.
– Тука би ја споменал третата лента на влезот на Скопје во Гази Баба, што исто така ќе го правиме в година и уште еден сет капитални проекти. Многу е добро што предвидовме средства и многу бргу од денес ќе распишеме тендерска постапка по повеќе години и во градот Скопје ќе почнат паралелно да се градат две училишта. Едно ново училиште, средно, во Ѓорче Петров, едно училиште во Драчево, тоа се руинирани стари бараки, ние треба многу да инвестираме во образованието и затоа годинава имаме капитални инвестиции како никогаш досега во образованието – истакна Ѓорѓиевски.
Како дел од развојните планови за Скопје, градоначалникот ги најави и противпожарна станица и лунапаркот, за кој во наредниот период треба да почнат конкретни активности.
– И еден од клучните проекти е нова противпожарна станица, која ќе биде на тромеѓа, обезбедивме средства, земјиштето ни го предаде Владата. Веќе во катастарот се направи промената и многу бргу ќе ја распишеме тендерската постапка, така што јас ќе бидам исто така градоначалник што ќе биде запаметен дека по многу, многу години изградил противпожарна станица во главниот град, изградил две училишта, го изградил „Лимак“ и уште неколку клучни капитални проекти за главниот град. И тука би го додал и лунапаркот за кој многу бргу ќе почнеме со одредени активности – најави Ѓорѓиевски.

Македонски



