Skip to main content

Во пресрет на Меѓународниот ден на жената во Детскиот културен центар – Карпош ќе се одржи манифестацијата „Играм и пеам за мојата мајка“

Во пресрет на Меѓународниот ден на жената, на 6 март (петок) во просториите на Детскиот културен центар – Карпош со почеток од 10:00 часот, ќе се одржи манифестацијата „Играм и пеам за мојата мајка“ со поднаслов „Љубов и насмевка за сите жени“.

Настанот е посветен на мајките и жените, како израз на благодарност, љубов и почит кон нивната секојдневна грижа и поддршка. Во рамки на програмата ќе биде отворена изложба на ликовни трудови изработени од децата од градинките на Град Скопје, кои преку боја, форма и креативност ќе ја претстават својата искрена детска љубов кон мајките.

Посебна чест и радост на овогодинешната манифестација е присуството на Јасмина Атанасова-Симјаноска, првата оџачарка во Македонија, која ќе им се обрати на децата и ќе го сподели своето животно искуство под мотото:
„Оџачарот носи среќа – Оџачарката носи дупла среќа!“

Јасмина е дипломиран архитект, енергетски контролор, судски проценител на недвижности, автор на учебници, автор на поезија и проза, а од 2016 година и дипломирана оџачарка. Преку разговор и инспиративна порака, таа ќе им објасни на малите учесници дека секоја жена може да биде успешна во секоја професија што ќе ја одбере – доколку верува во себе, сонува и се труди.

Настанот има за цел да ги поттикне најмладите да растат со почит кон жените, со свест за еднаквост и со разбирање дека љубовта и добрината се најголемата сила што ги поврзува сите генерации.

📅Дата: 6 март
📍Локација: Детски културен центар – Карпош
🕒Време: 10:00 часот

Поврзани вести