Skip to main content

Во Аеродром од 5 мај бесплатно ќе се собира кабест отпад

Општина Аеродром од 5 мај (понеделник) почнува голема пролетна акција за бесплатно собирање кабаст отпад на целата територија на општината што ќе трае до крајот на јуни, што всушност претставува континуитет од минатата година, кога се спроведе есенска акција.

Во соработка со ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром, на повеќе локации ќе бидат поставени садови во кои граѓаните ќе можат да го оставаат својот стар и дотраен мебел.

Акцијата ќе почне од населба Мичурин каде што на 5 мај (понеделник) и на 6 мај (вторник) садовите ќе бидат поставени на улица „Анастас Митрев“ зад паркот до трансформаторот и на улица „Венјамин Мачуковски“ до трансформаторот кај Железничка станица.

Потоа, на 7 мај (среда) и на 8 мај (четврток) жителите на Острово својот кабаст отпад ќе можат да го оставаат на улица „Владимир Комаров“ бр. 9 до контејнерите, како и на „Владимир Комаров“ број 16 зад ТЦ „Скопјанка“.

Кабастиот отпад е планирано да се собира речиси до крајот на јуни, а жителите за сите локации и датуми можат да се информираат на страницата на општината aerodrom.gov.mk, каде што е објавен планот со точните датуми и локации.

Општина Аеродром ваквата акција ја спроведува со цел да им се излезе во пресрет на аеродромци да можат бесплатно да го отстранат стариот мебел од своите домови. Со тоа истовремено ја заштитуваме животната средина од несовесно фрлање отпад, при што се создаваат диви депонии што ја загадуваат околината и се лоша слика за Аеродром.

Иста ваква акција Општина Аеродром спроведе и во текот на август и септември, минатата година, при што од точно 41 локација, беа собрани околу 70 тони отпад.

Поврзани вести