Во Скопје денеска се одржа вториот протестен марш против аерозагадувањето, организиран од иницијативата „Зелен хуман град“. Граѓаните маршираа од Министерството за животна средина и просторно планирање, преку Собранието и Владата, до бараките на Град Скопје, носејќи транспаренти со пораки како „Сакаме чист воздух“ и „Воздухот ни е отров, власта ни е глува“. Тие ги повторија своите барања за јавен мониторинг на индустриските објекти, еколошко загревање на јавните установи, приоритет на јавниот превоз и велосипедите, и подобро управување со отпадот.
Дел од пораките беа и „Сакаме чист воздух“, „Не – за нови станови, да – за чисти бели дробови“, „Од смогот не се гледа иднината“, „Пред употреба на воздухот консултирајте се со вашиот лекар или фармацевт“, „Буџетот е магично стапче за загадувањето“ и „Нема AIR од ова“.
Од „Зелен Хуман Град“ имаат имаат четири конкретни барања за борба против аерозагадувањето во Скопје.,
Првото барање е јавен континуиран мониторинг на индустриските објекти за да се знае точно кој и како загадува. Второто барање се однесува на еколошко загревање на објекти како Детската клиника во Козле, која сè уште се загрева на мазут. Третото барање е решавање на автоцентричноста во градот, со приоритет на јавниот превоз и велосипедите над автомобилите и четвртото барање е подобро управување со отпадот, изјави Горјан Јовановски од иницијативата „Зелен хуман град“.
Од првиот протестен марш што се одржа на 10 декември поминаа речиси три недели.
Две недели од доставените барања, а одговор од институциите уште нема. На кого му служат? Без чист воздух нема здравје! Без здравје нема живот! Ги полниме болниците и ги оставаме своите пари по аптеките, изјавија од „Зелен хуман град“ во најавата за протесот.
Според податоците на УНИЦЕФ, 11,6 отсто од смртните случаи кај новороденчињата во земјава се поврзани со загадениот воздух, што значи дека секое деветто починато дете под една година го губи животот поради аерозагадувањето.