
Премиерката на Данска, Мете Фредериксен по објавување на заедничката изјава на осумте европски земји за најавените дополнителни американски царини, истакна дека нејзината Влада имала „интензивен дијалог“ со сојузниците, меѓу кои и германскиот канцелар, претседателот на Франција и британскиот премиер.
– Кралството Данска добива силна поддршка. Во исто време, сега е уште појасно дека ова е прашање што е надвор од нашите сопствени граници. Затоа е уште поважно да останеме цврсти во основните вредности врз кои е создадена европската заедница. Ние сакаме да соработуваме и не сме тие што бараат конфликт. Задоволен сум од конзистентните пораки од континентот: Европа нема да биде уценувана, наведе Фредериксен.
Претходно, премиерот на Норвешка, Јонас Гар Сторе на претпазливост во евентуалната трговска војна со САД по најавените царини за земјите кои го поддржуваат Гренланд.
– Мислам дека би требало да бидеме многу внимателни за да не дојде до трговска војна која би излегла од контрола. Мислам дека никој нема да има корист од неа, посочи Сторе.
И премиерот на Финска, Петери Орпо наведе дека царините „не служат никому“ и оти ќе им наштетат и на Европа и на САД.
– Ставот на Финска е дека сите прашања помеѓу сојузниците треба да се решаваат преку разговори, а не преку притисок, истакна Орпо.
Според него безбедноста на Арктикот е клучно прашање за Финска.
– Ние се стремиме да ја зачуваме безбедноста на Арктикот заедно со сите наши сојузници, почитувајќи го територијалниот интегритет на Данска и Гренланд, наведе Орпо.
Додека премиерот на Ирска, Мајкл Мартин најави дека ЕУ „очигледно ќе возврати“ на американските царини доколку тие бидат воведени на 1 февруари.
Тој нагласи дека „мора да се случи дијалог“ за да се спречи трговска војна. Но, според Мартин барањата за активирање на инструментот на ЕУ против принуда се „малку прерани“.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон ја повика Европската унија да го користи својот инструмент против принуда, таканаречената „трговска базука“, како одговор на царините што би можеле да ги воведе администрацијата на Трамп.
Тоа е алатка што ЕУ може да ја користи кога владата на друга земја се обидува да изврши економски притисок врз земјите-членки. Тој инструмент, меѓу другото, може да се користи за да им се одземе правото на компаниите од одредена земја да инвестираат или да учествуваат во јавни тендери на територијата на Унијата.
Трамп тврди дека поради националната безбедност и засиленото присуство на Русија и на Кина на Арктикот, САД треба да ја преземат контролата врз Гренланд. Тој најави дека од 1 февруари ќе воведе нови царини за осум европски држави, што ќе бидат во сила додека „не биде склучен договор за целосна и комплетна продажба на Гренланд“. Трамп најави и дека царините би можеле да се зголемат и до 25 проценти од 1 јуни.
Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска и Велика Британија во денеска објавената заедничка изјава наведоа дека таквите чекори ги поткопуваат трансатлантските односи.
– Заканите со царини ги поткопуваат трансатлантските односи и носат ризик од опасна спирала надолу. Продолжуваме да бидеме обединети и координирани во нашиот одговор. Посветени сме на заштитата на нашиот суверенитет, се посочува во заедничката изјава.
Исто така наведоа оти како членки на НАТО се посветени на зајакнување на безбедноста на Арктикот како заеднички трансатлантски интерес.
– Воената вежба на НАТО „Арктичка издржливост“ е одговор на тоа и не претставува закана за никого, се додава во заедничката изјава.

Македонски





