
Денеска, (петок; 11.4.) во младинскиот центар „Матично“ при Општина Центар, во организација на Либералниот Институт Скопје, ќе се одржи панел дискусија на тема: „За посигурна иднина на животните: Законски промени сега“.
Панел дискусијата доаѓа по сѐ позачестените случаи на злоупотреба и насилство кон животните, но и недоволната ангажираност и реакција на надлежните институции кои треба да ги штитат истите, независно дали се работи за домашни миленици или улични и напуштени животни.
Настанот има за цел да покрене јавна и институционална дебата за потребата од системски пристап кон заштитата на животните и потребата од носење на итни измени во постоечкото законодавство.
На трибината ќе учествуваат: Радмила Пешева, директорка на ЈП „Лајка“; Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар; Моника Зајкова, пратеничка и претседателка на Либерално-демократската партија (ЛДП) и Никола Јовановски, раководител во Општина Гази Баба, а дебатата ќе ја модерира новинарот Огнен Чанчаревиќ.
Учесниците ќе дискутираат за реалните предизвици со кои секојдневно се соочуваат локалните власти и граѓаните, како и за начините на кои може да се подобрат условите за живот на животните – напуштени и домашни.
Либералниот Институт информира дека панел-дискусијата е отворена за јавноста, љубителите на животни, активисти, институции, медиуми и за сите кои веруваат дека Македонија може да биде држава каде што животните се третираат со грижа и достоинство.