
Министерството за транспорт и врски има надлежност да постапува само за градби од А категорија, а за градбите за кои говори секојдневно градоначалничката од Град Скопје надлежен е Градот, изјави министерот за транспорт и врски Александар Николоски одговарајќи на пратеничко прашање дали провериле што се случува во општина Чаир каде, според објавите на скопската градоначалничка, се градат дивоградби.
Николоски ги оцени настапите на градоначалничката Данела Арсовска како спектакли, посочувајќи дека како градска власт има право да постапи доколку се утврди дека одредени објекти се дивоградби.
Мислам дека е коректно да се информира јавноста дека целосна надлежност има градоначалникот на Град Скопје со соодветната градежна инспекција и наместо да се прават спектакли, нека излезат со градежна инспекција и нека утврдат. Доколку има дивоградби, истите треба да се срушат. Доколку не сака да ги сруши инвеститорот, треба градот да распише тендер за фирма за рушење и таа фирма да ги сруши, а потоа трошоците паѓаат на товар на оној кој бесправно градел. И да поднесе сооветна пријава до надлежното обвинителство и кривично да се одговара, а целокупниот имот доколку е изграден на земјиште на Република Македонија, затоа што има и такви индиции што се изнесуваат во јавноста, се конфискува. Како што сме сведоци ништо од ова нема направено градоначалникот на Град Скопје. Напротив секој ден спектакли во јавност, а ниедно од правните дејствија не се направени што може да не носи до други заклучоци дали позадината е мотвирана од политичката партија ДУИ и од одредени релации што градоначалничката ги има со високи функционери на ДУИ, рече Николоски.