
Професорот и архитект Мишко Ралев беше меѓу најпосакуваните кандидати за градоначалник на град Скопје со поддршка на СДСМ, но опозициската партија реши да оди со „проверен партиски кадар“. Потоа деканот на Архитектонскиот факултет на Американ се сретна со Орце Георгиевски, потврдениот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за град Скопје, со образложение дека ќе ја води стручната комисија за урбанизам по изборите, секако доколку истиот победи. Тоа беше доволно да се вжешти трката за главниот град, но и да и се пласираат бројни „бомбастични“ тврдења за промена на „партиски дресови“.
Професорот Ралев отворено говори за Фактор.мк што се случуваше зад завесата, како се одвиваше неговата соработка со СДСМ и на кој начин ќе биде ангажиран во кабинетот на Орце Ѓеоргиевски по изборите во октомври. Тој тврди дека не е партиски член и дека неговиот ангажман ќе биде исклучиво на база на неговата професионална стручност.
Што мисли за реализацијата на проектот Скопје 2014, за враќањето на функцијата Градски архитект и визијата за развој на македонската „метропола“, прочитајте во интервјуто со професорот Мишко Ралев.
Подолго време се сметаше дека сте меѓу фаворитите за кандидат на СДСМ за градоначалник на Скопје, но очигледно отпаднавте од таа трка. Колку бевте навлезен во таа предизборна кампања и зошто партиското раководство не ви ја довери довербата да „истрчате“ на изборите?
Ралев: Дозволете ми да се вратам неколку години наназад, во времето кога Димитар Ковачевски беше избран за претседател на СДСМ. Имено, со Димитар се познававме од Универзитетот Американ Колеџ, и тој ме покани да бидам дел од Извршниот одбор на партијата, а со цел да бидам следниот кандидат за градоначалник на Скопје. Јас таа идеја ја прифатив со план да се формира стручна комисија за Скопје и полека да се гради политиката за развој на градот. Но, таа комисија не се формираше и јас после една година си дадов оставка од Извршен одбор. Потоа, во септември 2024 г. бев повикан од Венко Филипче да разговараме прво за формирање на стручна комисија за Скопје и потоа да се размислува и за стратегија за кандидирање за градоначалник. И со Венко се знаевме од порано од одредени кругови. Ние повремено но, континуирано комунициравме и во април 2025 година, кога Венко го доби полниот мандат како претседател. Конкретно разговаравме за моја кандидатура за градоначалник поддржана од СДСМ. Да потсетам дека јас не сум бил ниту сум член на политичка партија. Побарав време да размислам, и после одредени консултации ја прифатив неговата покана, воден од идејата дека на Скопје му е потребен архитект и некој кој нема политичко „досие“. Почнавме да работиме на концепти околу дизајнот на кампањата и како да се приближи мојата личност како непартиски кандидат до гласчкото тело. Беа вклучени и одредени личности кои требаше да ја водат кампањата од надвор но, и од партијата. Потоа, состаноците и комуникацијата завршија некаде на почетокот на јули, можеби втори или трети јули. Оттогаш никој од партијата не ме комуницираше, за да после некое време почнат да се шират одредени гласови дека сум се откажал од кандидатурата. Дури и ВМРО даде изјава дека сум надвор од „трка“. Јас за една национална телевизија изјавив дека како сериозен човек не сум се откажал од кандидатурата за кандидат за градоначалник. Сепак, на 11 јули од медиумите дознав дека јас не сум избран за кандидат за градоначалник на Скопје од страна на СДСМ. Причината зошто е тоа така не ја знам ниту денес. Никој од СДСМ не ми се јавил за оваа одлука. Но, никој ине треба да ми се јави освен Венко, само тој ја знае причината, зашто одредени состаноци ги имавме во четири очи така што сите овие изјави на портпаролки, потпредседателки се неверодостојни и се од втора рака.
Дали тоа беше главна причина набрзо да се појавите во предизборната кампања на Орце Ѓеоргиевски, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и главен соперник, кои се принципите на кои го темелите вашиот политички активизам и каква функција би имале во октомври по изборите?
Ралев: Не е тоа набрзо, затоа што состанокот со Орце Ѓеоргиевски се случи цел месец по прекинот на комуникациите со Венко, и три недели од неговиот прес на кој го објави кандидатот на СДСМ. Следно, јас не се појавив во кампања на Орце, туку излезе негова изјава дека сме имале состанок на кој ми беше понудена функција во неговиот кабинет доколку ги добие изборите. Околу тој состанок морам да напоменам дека и со Орце се познаваме од пред некоја година кога тој како градоначалник на Кисела Вода го поништи ДУП-от за „Расадник“ и организираше Меѓународен урбанистички конкурс за спомнатиот локалитет. Во таа организација учествуваа Комората на овластени архитекти, Архитектонскиот факултет при УКИМ и Асоцијацијата на архитекти на Македонија чиј претседател во тоа време бев јас. Тоа е единствениот меѓународен урбанистичко-архитектонски конкурс во самостојна Македонија, што во стручната и општата јавност наиде на одобрување и позитивен одѕив. Оттука тој ме покани на состанок на кој ми предложи да бидам Претседател на Стручната советодавна комисија за урбанизам и архитектура на градоначалникот на Скопје, секако доколку ги добие изборите. Така што тоа не е никаква политичка функција ниту мое вклучување во политиката, туку едноставно стручен советник и би работел хонорарно, зашто после сѐ мојата интенција е да останам професор и декан на Факултетот акултетот за архитектура и дизајн. Причините зошто ја прифатив оваа понуда лежи во моите досегашни ставови кои јавно сум ги искажал во медиумите, а тоа е дека општините, а посебно градот Скопје нема стручен авторитет од областа на урбанизмот и архитектурата кој би се вклучил во донесувањето на правилни одлуки во тие области. Сметам дека е важно ние универзитетските професори да бидеме општествено ангажирани како би биле дел од одлуките кои политичарите ни ги сервираат. Да, критиките се дел од тоа, но шансата нешто и да се креира е уште позначаен момент. Тука се и критиките во јавноста за партизација на институциите и ваквиот чекор е токму во насока на разбивање на таквото однесување. Не велам дека е ова голем чекор, но сепак е чекор кон подавање рака кон сите оние кои можат да придонесат во развојот на градот, зашто тој е наш заеднички проблем. Уште нешто, изборот за градоначалник е директен, се бира личност, многу поразличен од парламентарните избори каде се избираат партиски групи од кои после самите тие си бираат премиер, министри, Претседател на Собрание… Мојата улога во досегашните збиднувања е директно зависна од мојата професија, а моите политички ставови се мои лични и не се променети, а произлегуваат од мојот интелектуален профил и мојот целокупен досегашен општествен ангажман така што намерното тежнение да ме вметнат во одредена партија би било омаловажување и навреда за сите членови на двете страни.
Може ли да се навратиме на периодот кога се градеше проектот „Скопје 2014“, дали и натаму останувате на тие критични ставови за менувањето на ликот на централното градско јадро и што понатаму со овој проект, кој патем СДСМ седум години не го довршуваше, а сега Владата и следствено и Град Скопје со кој се надева дека Орце Ѓеоргиевски ќе раководи, планира целосно да го комплетира?
Ралев: Што се однесува до проектот Скопје 2014, без лажна скромност можам да изјавам дека бев и сум „најзборлестиот критичар“ од академската јавност и останувам на ставот дека е ретрограден и дека нема никаква ниту содржинска, ниту функционална ни културолошка вредност, а урбанистичкиот хаос е пострашен од декоративната стилска небулоза. Јас сум се изјаснил и за немањето реакција и од СДСМ при што реков дека е инфантилен потегот на делумна демонтажа на оградата на зградата – торта на Владата на Р.Македонија и тој „жежок костен“ останува се уште некој да го „олади“. Секако дека руинираните градилишта во центарот на градот и во кругот на Универзитетскиот комплекс не можат повеќе да го деградираат просторот. За овој проблем кој со години е ставен „под тепих“ треба да се консултира стручната јавност со која метода треба да се стави точка на овој проблем.
Треба ли да се врати функцијата „градски архитект“, откако по три децении независност на Скопје му се случи урбанистичка катаклизма?
Ралев: Функцијата „градски архитект“ несреќно се укина со укинувањето на Министерството за урбанизам и градежништво, и тоа е тоа што го нарекувам непостоење на стручен авторитет во областа на урбанизмот и архитектурата што дозволи без професионален надзор и пристап просторот да стане предмет на манипулација на партиски и бизнис моќниците. Враќањето на „градскиот архитект“ е нужност и за тоа постои и Иницијатива потпишана од релевантните архитектонски институции.
Има ли политичари, архитекти и урбанисти со вистинска визија за Скопје, како ќе се развива градот, дали може да се направи тој баланс со бизнис интересите и штетните последици на урбаната мафија, бидејќи делови од градот се повеќе наликуваат на латиноамерикански фавели, без основни или со влошени комунални услуги, како јавен превоз, водовод и канализација, јавен и простор од заеднички интерес?
Ралев: Визијата за развој на еден град не е работа на генијалните умови на одредени поединци било стручни или не. Ако тоа било така во минатото, денес е сосема друга состојбата. Таа треба да е предмет на научна и стручна елаборација на мултидисциплинарен тим. Поединечните резултати од секторските студии треба да бидат проверувани низ филтерот на јавноста составена од сите демографски категории. Зашто денешницата е обремена со многу зададени константи како закана за глобален опстанок на човештвото. Оттука, треба што поскоро да се пристапи кон изработка на современа визија за развој на Скопје за да се минимизираат негативните ефекти на парцијалните решенија кои отскокнуваат од „големата слика“. Иако, во следниот период ќе ги живееме старите ДУП-ови, барем оние кои се уште се законски. Но, еден од акутните проблеми кои не притискаат и претставуваат „маѓепсан круг“ во креирање на таа голема слика е всушност и политичката поделба на градот на 10 општини, со по мене преголеми ингеренции, при што директни креатори се Општинските совети кои ги прифаќаат или отфрлаат Деталните урбанистички планови, а кои се повеќе се обични трансмитери на партиските наредби при донесувањето на овие одлуки, како што е случај во сите општини па и во градот Скопје. Проблемот со дивата градба е сложен и директно влијае на недоволните капацитети на целокупната инфраструктура. Да споменеме дека и пописот на население кое го немавме долг низ на години влијае на развојот на градовите. Така што, градот е комплексен систем кој треба доследно да се следи и унапредува, секое занемарување на било која негова компонента може да доведе до драстичен пад на условите за живот во него. Затоа, визијата за Скопје треба да претставува научен, стручен и јавен консензус.