
Министерот за култура, Зоран Љутков ги брифираше медиумите дека пред две недели поднел информација на седница на Влада за постапките во врска со изградбата на Универзална сала.. Вели дека се завршени сите заклучоци и сите процеси кои што сме ги имале претходно.
До крајот на неделава ќе биде распишана јавна набавка и почнуваме со изградба на Универзална сала. Според динамиката која што ја имаме определено во делот на буџетот, би требало да заврши до крајот на 2027 година, рече Љутков.
Министерот дополни и дека одвоени се 20 милиони евра, распределени во три години.
Процесот трае околу 60 дена. Ќе го распишеме тендерот и очекуваме од петок сега на 1-ви август до крајот на септември ќе ги отвориме понудиме и ќе почнеме со процесот на реконструкција, истакна Љутков.
Потребно е дополнително статичко појачување на конструкцијата на опожарената Универзална сала, покажеле новите, дополнителни испитување кои ги нарачал министерот за култура Зоран Љутков. Врс основа на новите испитувања извршени се измени и дополувања на проектот, кој сега треба да ги опфати и градежните работи околу појачување на конструкцијата.
Според овие анализи се изврши измена на проектната документација во форма на нова проектна документација. Се отстранија и сите други административни пречки и недостатоци во постапапките и очекувам продолжување со реконструкцијата, што би било некаде во текот на месец септември оваа година, рече министерот Љутков.
Со тој план објектот ќе биде отворен за настаните што ќе се одржуваат во рамки на манифестацијата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
На средба со новинарите Љутков кажа дека на седница на Влада ќе се одлучи за поддршката – во пари и со простор и ресурси од Министерството за култура и туризам во овој проект што го води Град Скопје и за кој е обврзан да инвестира 25 милиони евра.
Од своја страна, Министерството веќе помага со изградба на седум мултифункционални објекти низ главниот град што ќе овозможат просторни услови за настаните во 2028. Нагласи дека нивната изградба не е предвидена во програмата за проектот „Скопје 2028“ за кој Министерството е поддржувач, а Градот го води целиот процес.
Затоа што им е важно Скопје да не ја загуби добиената титула од Европската комисија, „притискале“, рече, во Град Скопје да се формира координативното тело за проектот кое досега имало неколку состаноци.
Ние доцниме две години, уште од старт динамиката не е добра. До јануари овој процес беше блокиран, искомуницирав со градоначалничката и го формиравме координативното тело, притискав постојано да побрзаме да се формира за да не ја загубиме титулата, иако тоа не е моја надлежност. Телото има 13 члена, 10 учествуваат од Град Скопје и тројца на предлог на Министерството за култура. Имаат неколку координативни состаноци, но не сме ние водичи на овој проект туку Град Скопје и затоа не би сакал да излегувам со информации за кои немам надлежност. Град Скопје треба да даде повеќе информации, рече министерот.
На средбата со новинарите Љутков додаде дека Град Скопје треба да даде 25 милиони евра, на кои се обврзал, но нема потпишан документ за сума што би требало да ја вложи и Министерството за култура во проектот.
Рече дека претходната министерка ветила дека ќе даде неверојатни 120 милиони евра, и тоа било договорено во тогашната влада, но документот немал официјален потпис. Заедно со 25-те милиони евра од Градот, било ветено дека во манифестацијата ќе вложат 145 милиони евра. Дури и Европската комисија во забелешка одговорила, рече Љутков, дека е невозможно да се обезбедат толку пари и дека никој толку не инвестирал во проектот Европска престолнина на културата.