
Скопје добива нов и модерен Луна парк, целосно ќе ја обновиме и Зоолошката градина, ова го соопшти на прес-конференција кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Кога зборуваме за иднината на Скопје, секогаш почнувам од трите основни приоритети на моето делување – обнова на инфраструктурата, подобрување на хигиената и реформа на јавниот превоз. Без чисти улици, уреден сообраќај и функционален систем, нема современ град. Но, истовремено, нема ни жив град без радост, култура и места каде нашите деца растат со насмевка. Затоа денес зборуваме за обновата на две локации кои за жал, се само дел од убавите сеќавања на сите скопјани – Луна паркот и Зоолошката градина. Генерации деца израснаа без Луна Парк и без вистинска, модерна Зоолошка градина. Не смееме да дозволиме тие да бидат само спомени на минатото. Време е новите генерации да растат со свои искуства, да креираат свои убави спомени. Скопје мора повторно да стане град во кој детството има свое место, своја радост и свој дом. И токму затоа, сакам да најавам дека по многугодишно одолговлекување и празни ветувања, ние ќе започнеме со итна изградба на нов, модерен Луна Парк, наменет за сите генерации – истакна Ѓорѓиевски.
Ова нема да биде само простор со реквизити, туку современ забавен центар со европски стандарди за безбедност, со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри и зони со виртуелна реалност. Луна Паркот ќе биде пристапен за сите, вели Ѓорѓиевски.
И за лицата со попреченост, со вграден систем за безбедност, видео надзор и прва помош. Ќе создадеме место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, локации за културни настани и улична уметност. Всушност, Скопје ќе добие нова атракција што ќе го подобри туристичкиот имиџ на градот. Паралелно со тоа, ќе ја започнеме и целосната обнова на ЗОО градина Скопје. Ќе се подобрат условите за животните, но и за посетителите и за вработените. Ќе се постават топлински пумпи за енергетски ефикасно греење, нови кровови со пластифициран лим, видео надзор, систем за безбедност и хигиена. Ќе се изгради центар за хипорехабилитација, каде деца со аутизам или церебрална парализа ќе можат да добиваат терапевтско јавање. Останатите посетители овој центар ќе можат да го користат рекреативно. Ќе се воведе модерен систем за дигитална наплата преку Skopje City GO, за побрз и полесен пристап. Ќе се изгради бушотина за вода и силоси за храна за економично и одржливо работење. Со ова, ЗОО Скопје ќе стане современа, едукативна и хумана институција, која што ќе ги привлекува посетителите и ќе ги воспитува децата во духот на почит кон природата и животот – потенцираше Ѓорѓиевски.
Обновата на Луна Паркот и ЗОО Скопје не се луксуз, туку инвестиции во здравото детство, во семејството и во иднината на градот. Скопје повторно ќе биде град што се грижи – за своите улици, за своите жители и за секое дете што расте во него, додава Ѓорѓиевски.