
„Росица, Кате, Марија. Жени кои претходно барале помош. Жени чии пријави останале без соодветна реакција. Жени кои денес ги нема. Прашањето е едноставно и болно: Колку жени уби молкот?“, прашува претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова.
Ова не се изолирани случаи, вели Зајкова и дополнува дека ова е образец на институционално непостапување и систем што реагира по трагедија, наместо по пријава.
„Кога постојат пријави за насилство, а нема навремена и ефикасна реакција, одговорноста не може да биде апстрактна. Затоа официјално ќе поднесам барање за отворање надзорна расправа во Собранието за институционалното непостапување во случаи на пријавено семејно насилство. Јавноста има право да знае зошто институциите молчеле, кој не постапил и дали биле преземени сите законски мерки за заштита“, вели во својата изјава за медиумите Зајкова.
Претседателката на ЛДП потенцира дека дополнително, повторно ќе го достави Законот за воведување електронска нараквица за следење на сторителите на семејно и родово базирано насилство.
„Овој механизам не е политичко прашање, туку прашање на безбедност и превенција. Одбивањето без аргументи значи преземање ризик за нови трагедии. Ќе побарам и: воведување задолжителна процена на ризик во сите пријавени случаи, итни и привремени заштитни мерки без бирократски одлагања и утврдување лична одговорност таму каде што имало институционален пропуст“, вели Зајкова.
Животот на жените не смее да зависи од административна проценка или одложена постапка. Институциите постојат за да штитат, не за да молчат.
„Ова прашање нема да остане на едно обраќање. Ќе следуваат конкретни иницијативи, законски предлози и парламентарен притисок сè додека системот не почне да функционира како што му налага законот – навремено, одговорно и во интерес на заштитата на жртвите“, заклучува претседателката Зајкова во својата изјава.

Македонски

