Skip to main content

Зајкова: Да се направи сеопфатен ветинг за државната служба и избраните и именувани лица  од 1991 година до денес

Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското собрание, Моника Зајкова, бара целосен ветинг и детална проверка на избраните и именуваните функционери, но и на овластените инспектори, цариници, полицајци и сите критични професии, подложни на влијание и корупција.

Трагедијата во Кочани и неизмерната тага која нѐ обви сите нас е врвот на проблемот, кој е многу подлабок е посуштински. Навистина е тажно што мораше да се случи ваков трагичен настан, за конечно да разбереме дека тука нешто мора да се промени и тоа мора да се промени брзо. Се надевам дека конечно и свеста кај сите ќе проработи. Живееме во многу корумпирано општество, каде со пари се купува сѐ, здравјето, образованието, лиценци, пресуди итн.“, вели Зајкова.

Според неа, проблемот можеме да го лоцираме уште во 1990-тите години, односно од осамостојувањето и погрешно поставените темели.

Погрешно е креиран системот. Направен е да ги штити големците и крупниот капитал наспроти интересот на граѓаните. Сведоци сме изминатите 30 години дека моќниците купуваат речиси сѐ и корупцијата е навлезена во секоја пора на нашето општество, за што сите ние сме колективно одговорни и сите мора да се согласиме дека е крајно време да се преземе нешто. Втора шанса нема да имаме“, заклучува Зајкова.

Таа вели дека во нашата држава инспектори за една ќеса риби не пишуваат казни на ресторани, министри полнат гепеци на службени возила со килограми јаболка, на големо се плаќаат ручеци, вечери, викенди, летни и зимски одмори на оние кои се надлежни, додека цената ја плаќаат сите обични граѓани и тоа најчесто, на најлошиот можен начин.

Затоа потребен ни е сеопфатен и детален ветинг на работата на сите кои вршат некаква функција, но и на овластените инспектори, цариниците, полицијата и сите останати специфични професии, кои имаат надлежности во рамки на системот на владеење. Колку што се виновни функционерите, подеднакво виновни се и оние кои со својата секојдневна работа овозможиле да стигнеме до тука и ова мора еднаш засекогаш да престане. Заслужуваме да живееме во поправедно и чесно општество, како што живеат нашите сограѓани од ЕУ, нешто што и ние како држава целиме да го постигнеме. Да не чекаме нови трагедии, да превенираме“, вели Зајкова и додава дека сега е клучен момент да се преземат одлучни чекори и конечно да започне вистинска борба против корупцијата.

Зајкова додава дека трагедијата со пожарот кој вечерта помеѓу недела и понеделник ја зафати дискотеката Пулс во Кочани, во која животот го изгубија 59 млади луѓе е последна во низата трагедии кои се случија во изминатите неколку години, покрај пожарот во модуларната болница во Тетово, трагедијата со автобусот на Дурмо Турс во Ласкарци, но и автобуската несреќа на Беса Транс во Бугарија – производи на корупцијата и ставањето на профитот пред човечкиот живот и благосостојба.

Поврзани вести