
Дополнувањата на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, поднесени од пратеничката и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова, во Собранието, со 12 гласа „ЗА“ од 105 присутни, не ја доби потребната поддршка од владејачкото мнозинство.
Со измените и дополнувањата на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, кои денеска се најдоа на дневниот ред на пленарната седница на Собранието, значително ќе се зголемеше степенот на безбедност на жртвите од семејно насилство, обезбедувајќи им сигурно и безбедно секојдневие, превенирајќи ненадоместливи последици, а во некои случаи и феницид.
Измените предвидуваа покрај забраната за привлижување да се воведе и електронска нараквица за сторителите на семејно насилство, која ќе ја предупредува жртвата дека сторителот се приближува до одредено место, односно на оддалеченост помала од 100 метри, со што ќе се зголемеше заштитата на жртвата и ќе се намалеше можноста за нејзино повторно изложување на насилство.
„Разочарана сум што денеска овие измени и дополнувања не наидоа на поддршка од мнозинството пратеници во Собранието иако сите зборуваат за системски решенија, очигледно такви решенија не им одговараат. Овој закон не помина иако пред само неколку дена бевме сведоци на јавно насилство врз бремена жена.
Но тоа не нѐ обесхрабрува, напротив нѐ мотивира да работиме уште повеќе и уште посилно. Наша обврска пред гласачите како народни избраници е и да превенираме идни несакани состојби, преку системски предлози, а не да санираме ненадоместливи штети. Ве информирам дека нема да застанеме овде, борбата за заштита на жените, но и генерално, жртвите на семејно насилство, ќе ја продолжиме и понатаму, со сите средства кои како политичка партија ги имаме на располагање“, изјави Зајкова.
Форумот на жени на ЛДП, по извршените обемни консултации со повеќе засегнати страни, ја предложи оваа промена поради потребата за подобрување на механизмите за заштита на жртвите од семејно насилство, особено кога имаме предвид дека сериозноста на последиците може да биде огромна и штетна за жртвата.
Во истата насока, минатата година ЛДП и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство ГЛАС ПРОТИВ НАСИЛСТВО – Скопје потпишаа Меморандум за соработка, кој опфаќа взаемна поддршка во процесот на законско дорегулирање на заштитата на жртвите од насилство, како и организирање на заеднички настани, трибини и преземање на други активности за подигнување на јавната свест за потребата од превенирање и санкционирање на насилството врз жените и семејното насилство.