Skip to main content

Во тетовско Непроштено одбележани 25 години од киднапирањето и убиството на локалните жители во 2001 година

МИА

Со положување свежо цвеќе и верски помен, денеска во тетовското село Непроштено беше одбележана 25-годишнината од киднапирањето и убиството на локалните жители за време на конфликтот во 2001 година.

Комеморативната манифестација „25 години – Сеќавањето живее“, во организација на Иницијативниот одбор и семејствата на киднапираните и убиени жители на Непроштено, беше посветена на Крсто Гогоски, киднапиран на 23 јули 2001 година, Цветко Михајловски и Васко Михајловски, киднапирани на 22 јули 2001 година, како и на Стојан Михајловски, убиен на 6 септември 2001 година.

Пред спомен-обележјето свежо цвеќе положија членовите на семејствата на жртвите, делегација на Собранието предводена од потпретседателот Антонио Милошоски, вицепремиерот Љупчо Димовски, како и делегации на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЗНАМ, Левица, Одборот на бранители на Македонија, Армијата, Министерството за внатрешни работи, здруженија на воени ветерани и други институции и организации.

Претседателот на Одборот на бранители на Македонија, Марин Најдов, во своето обраќање нагласи дека и по 25 години дека голем дел од семејствата на киднапираните сè уште немаат одговори од институциите.

Да се потсетиме дека и после 25 години од киднапирањето, еден поголем дел од семејствата на киднапираните сè уште немаат никакви информации за судбината на нивните најблиски и сè уште се надеваат дека од некаде вистината ќе се појави. По којзнае кој пат апелираме и тоа никогаш не допре во ушите на најодговорните во државата. Мора да најдат начин да ги пронајдат оние за кои до ден-денес нема одговор каде се. Роднините чекаат информација за своите исчезнати како би ги смириле своите души. Тие не бараат невозможно нешто, туку државата преку своите институции да си ја исполни својата обврска – порача Најдов.

Како што кажа Најдов, бранителите го прифаќаат, аманетот на киднапираните и убиените да ја чуваат државата и порача идните генерации да се гордеат со нивната жртва.

На комеморацијата беше истакнато дека одбележувањето е повик за зачувување на сеќавањето и почит кон жртвите, како и дека семејствата на загинатите заслужуваат правда и вистина за судбините на нивните најблиски. Во пораките од комеморацијата беше нагласено и дека мирот може да се гради само врз вистина, правда и почитување на секоја човечка жртва. 

На почетокот на манифестацијата беше одржан верски помен, на којшто беше истакнато дека во христијанското учење смртта не е крај, туку воскресението е конечната победа. Во својата беседа, свештеното лице, истакна дека нивната жртва за татковината претставува мачеништво на кое се темелат Црквата и државата и затоа „должни сме да ги спомнуваме оние коишто животот го положија за нашата татковина“. 

Поврзани вести