
Владата на Република Македонија денес потпиша договор со 49 општини за трајно користење без надомест на напредни системи за прочистување на воздухот од реномираниот германски производител MANN+HUMMEL, во вкупна вредност од 1.000.000 евра.
Оваа иницијатива е дел од заложбите за подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на последиците од аерозагадувањето, особено во јавните објекти во кои престојуваат најосетливите категории на граѓани, децата и младите. Прочистувачите на воздух ќе бидат инсталирани во основни и средни училишта, градинки и други јавни институции на територијата на 49 општини, идентификувани како најзагрозени според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздухот за периодот 2022–2024 година.
Прочистувачите од брендот MANN+HUMMEL претставуваат мобилни системи со висока ефикасност, дизајнирани за елиминирање до 99.995% од вируси, бактерии и микроорганизми, благодарение на сертифицирани HEPA H14 филтри според стандардите EN 1822 и ISO 29463. Овие уреди се наменети за употреба во училници, градинки, медицински ординации, болници и канцеларии, каде што овозможуваат континуирана циркулација на прочистен воздух и значително ја намалуваат можноста за ширење на зарази.
Анализата на податоците покажува дека суспендираните честички PM10 и PM2.5 претставуваат најкритична загадувачка супстанца, со измерени концентрации што и понатаму ги надминуваат пропишаните гранични вредности за заштита на човековото здравје. Сепак, благодарение на мерките преземени од институциите на централно и локално ниво, се забележува позитивен тренд на намалување на концентрациите, а на одредени мерни места просечните годишни вредности веќе се под дозволените граници (40 μg/m³).
Владата останува посветена на имплементација на сеопфатната програма за подобрување на квалитетот на воздухот за периодот 2024–2030 година. Успехот на оваа програма зависи од заедничките напори на сите институции, општините и граѓаните.