Skip to main content

Владата на седница ќе ја потврди Одлуката за покривање на трошоците на двајца членови од семејствата на пациентите кои ќе се транспортираат во странство

За час и половина Владата ќе одржи седница на која ќе биде потврдена Одлуката за покривање на трошоците на двајца членови од семејствата на пациентите кои ќе бидат згрижени во болници надвор од државава, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски по посетата на ГОБ „8 Септември“.

Како што рече Мицкоски, според Одлуката, предвидено е да бидат покриени трошоците за превоз и сместување.

Прмеиерот апелира секој што бил во периметарот на ужасниот настан да се јави на доктор, независно дали чувствува проблеми или не.

-Како Влада правиме се што можеме за да спасиме човечки животи. Голем дел, повеќе од 70, 80 пациенти се надвор од државата. Денеска и министерот за надворешни работи и надворешна трговија и министерот за здравство се во Солун и од таму одат во Софија да ги посетат дел од згрижените пациенти. За час и половина имаме седница на Владата, ќе ја потврдиме одлуката да ги покриеме трошоците на двајца членови од семејството за да појдат онаму каде што се згрижени пациентите и превоз и сместување, потенцира Мицкоски.

Претходно, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски кој беше заедно со Мицкоски во ГОБ „8 Септември“, рече дека од денеска пациенти ќе се испраќаат и во Италија, Холандија и Белгија зашто капацитетите во соседството се веќе пополнети. 



Поврзани вести