
Согласно закон кој веќе се разгледува во рамките на Владата, граѓаните кои ги исполниле старосните услови за пензионирање, но им недостасуваат до две години работен стаж за законскиот минимум од 15 години, ќе можат сами да ги уплатат придонесите за овој период и да остварат право на пензија – најави министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски во гостување во „360 степени“ на МРТ 1. Тој вели оти согласно предложеното законско решение, право на откуп на стаж ќе имаат само оние лица кои имаат остварено минимум 13 години работен стаж, а веќе не се активни осигуреници на пазарот на трудот.
„Откуп на стаж се однесува и ќе се однесува само на оние коишто веќе не се денеска осигуреници, наполниле 62-64 години, нели жени-мажи, ќе имаат право тие коишто имаат до 13 години работен стаж којшто го направиле во моментот кога ги наполниле годините на старост, значи 24 месеци да го откупат својот стаж, односно да платат за истиот“,рече Велковски.
Тој вели оти за месеците кои им недостигаат до законскиот минимум од 15 години, граѓаните ќе треба да го подмират товарот за пензиското осигурување, а основицата за пресметка нема да биде цела, туку половина од просечната плата и тоа за минатата година.
„Значи од годината каде што заминал, односно 2025 година во случајов ќе биде на таа плата придонес да се плати, да. Значи придонесот се плаќа на таа плата. Некаде отприлика, сега бројките да не ги говорам, меѓутоа зависно нели кој колку месеци му останале да замине во пензија, ќе има одредена сума којашто треба да ја уплатат самите граѓани, а потоа ќе ја добијат пензијата засметана со сите параметри согласно законот“,кажа министерот.
Во пракса, како што вели, доколку станува збор за година во која просечната плата изнесувала 45 000 денари нето, придонесот од 19,9 отсто ќе се пресметува на 22 500 денари помнежен по бројот на месеци што им недистигаат (а најмногу 24).
Откако ќе се изврши уплатата за стажот што недостасува, висината на пензијата ќе се утврдува според стандардната законска формула, односно врз основа на примањата кои осигуреникот ги имал во текот на годините кога бил работно ангажиран.
„Зависно колку имале во 13-те години, формулата која ќе произлезе – значи од 13 години колку штедел, на каква плата бил пријавен итн., ќе се покаже самата формула дополнително. Така што, ако бил на минимална, тогаш ќе има некои од минималните категории, нели коишто се 9 вкупно во системот. Ако земале, односно биле пријавени на повисока плата, така ќе се засмета“,заклучи Велковски.

Македонски

