Skip to main content

Велковски: Како општество, мора да покажеме истрајност и одлучност за заштита на човековите права

Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски денеска учествуваше на Средба на високо ниво насловена „Да ја доближиме правдата поблиску до граѓаните и граѓанките!“, во организација на Програмска канцеларија на Советот на Европа во Скопје во рамките на Акцијата „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Македонија”.

Во знак на одбележување на Европскиот ден на правдата и Меѓународниот ден на човековите права, заменик министерот Велковски се осврна на почитувањето на човековите права кое се основни права и слободи што припаѓаат на секоја личност.

„Нашата држава во својот Устав и законска регулатива ги има вградено Универзалната декларација за човековите права донесена од страна на Обединетите нации која претставува основа покрај останатото за донесување на Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права,“ кажа Велковски.

Со одбележување на Меѓународниот ден на човековите права и Европскиот ден на правдата кои се посветени на правата на граѓаните и на правдата во глобален контекст, Велковски го истакна подигањето на свеста за значењето на правата и правдата во општеството како особено важно, во насока на обезбедување на секој граѓанин да  има еднакви права и слободи.

„Со реформирање на законите за заштита на човековите права до иницијативите за поддршка на младите и семејствата, постигнавме голем исчекор но, свесни сме дека пред нас стои уште многу работа. Нашата цел е да создадеме општество каде секој граѓанин ќе има пристап до правда и можности за достоинствен живот преку почитување на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата,“ порача Велковски.

Тој додаде дека како општество, мора да покажеме истрајност и одлучност за заштита на овие права. А тоа значи, посочи Велковски,  да вложуваме во создавање можности за сите, особено за најранливите категории. Правото на образование, здравје, социјална заштита и праведна судска заштита не се привилегии – тие се задолжителни обврски кои мора да ги исполнуваме.

Велковски потенцираше дека, европскиот ден на правда јасно нè потсетува дека правдата не треба да биде само збор, туку реалност што секој граѓанин ја чувствува. Според него, без правичност и владеење на правото, нема вистинска демократија. Токму затоа, рече тој, нашето Министерство континуирано работи на унапредување на социјалната правда и овозможување еднакви можности  за сите.

„Борбата за човекови права е постојан процес кој вклучува заеднички  напори, едукација и глобална солидарност на поединци, групи, невладини организации, правосудни органи и држави за заштита и унапредување на основните права и слободи на сите луѓе, независно од нивната националност, раса , пол, религија или која било друга основа. Оваа борба е од клучно значење  и затоа потребна е истрајност во истата со цел создавање на фер, праведни и демократски општества каде почитувањето на човековите права и владеењето на правото ќе бидат основа за секоја одлука и политика,“ истакна Велковски.

Поврзани вести