Skip to main content

Уставниот суд поведе постапка за Одлуката за давање одобрение за основање на приватно средно училиште „Медресеја Иса Беу“

Уставниот суд на вчерашната седница донесе повеќе одлуки помеѓу кои да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за давање одобрение за основање на приватно средно училиште „Медресеја Иса Беу“.

Во иницијативата за одлуката за давање одобрение за основање на приватно средно училиште „Медреса Иса Беу” село Кондово, донесена од Владата на 26 март 2024 година, се наведува дека основач на приватното средно училиште е Исламската верска заедница, за што подносителот тврди дека верска заедница и религиозна група не е дозволено да биде основач на приватно средно училиште каде што ќе се организира и остварува настава за средно гимназиско образование од општествено-хуманистичко подрачје, јазично-уметничко подрачје и природно-математичко подрачје. Според подносителот, Уставот дозволува верските заедници да основаат верски училишта, но тие да бидат од верски карактер, операционализирани со закон.

Беше поведена и постапка за членовите 17 и 18 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик како и за оценување на уставноста на член 93 став 2 од Законот за урбанистичко планирање и за оценување на уставноста.

Подносителите на Иницијативата за Изборниот законик тврдат дека измените на членовите 61 и 62 го зголемуваат прагот за поднесување независни кандидатски листи на 1 отсто од гласачкото тело, што создава нееднаквост и дискриминација во корист на партиите. Тие исто така наведуваат дека измените се донесени нетранспарентно и без јавна расправа.

Како што соопштуваат од Уставен, судот одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 4 став 3 од Законот за медијација, како и на член 13 од Законот за нотаријатот. Иницијативата за оценување на уставноста на член 32 од Законот за извршување беше отфрлена. Не се поведува постапка за оценување на уставноста на член 93 став 1 од Законот за урбанистичко планирање, на член 140 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, и на член 73 став 2 и став 3 од Законот за дивечот и ловството. Иницијативата за оценување на согласноста на оспорените одредби со Законот за сопственост и други стварни права беше, исто така, отфрлена.

Дополнително, не се поведува постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за образецот на барањето за издавање на личната карта, а иницијативата за оценување на согласноста на правилникот со одлуките на референдумите од 1991 и 2018 година беше отфрлена. Исто така, не се поведува постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 3 од Правилникот за образецот на барањата и потребната документација за утврдување на стаж на осигурување со зголемено траење.

Во делот на барања за заштита на слободи и права, Уставниот суд ги отфрли барањата поднесени од Филип Џуклески од Скопје, Влатко Стојанов од Битола и Живко Петрушевски.

Поврзани вести