Skip to main content

„Анна“ на Нина Николиќ денеска гостува на меѓународен театарски фестивал во Зеница

Театарската претстава „Анна“, по текст на Драгана Лукан Николоски и во режија на Нина Николиќ, денеска ќе биде изведена на сцената на Босанскиот народен театар во Зеница, во рамки на второто издание на меѓународниот фестивал „Sexual Theatre – Feminist Readings of Classics“.

Претставата ќе биде дел од програмата на фестивалот посветен на современите феминистички читања на класичните дела, кој низ театарски продукции од регионот отвора прашања за родовите односи, општествените улоги, еднаквоста и позицијата на жената.

Инспирирана од романот „Ана Каренина“ на Лав Толстој, „Анна“ нуди современ поглед кон темите на љубовта, семејните односи, личната слобода и правото на индивидуален избор. Преку приказната на главниот лик, претставата ги преиспитува општествените очекувања, механизмите на контрола и предизвиците на женската еманципација.

Гостувањето во Зеница доаѓа по неодамнешниот успех на претставата на 27. Меѓународен фестивал на камерен театар „Златен лав“ во Умаг, каде што ја освои главната награда Гран при, додека актерката Маја Љутков беше наградена со „Златен лав“ за најдобро актерско остварување за улогата на Ана.

Во претставата настапуваат Маја Љутков, Благој Веселинов, Саша Ханџиќ и Жаклина Петровска, а како глас учествува Тони Денковски. Авторскиот тим го сочинуваат Илина Ангеловска како сценограф, Ивана Каранфиловска Угуровска како костимограф и Оливер Јосифовски како композитор.

Од продукцијата посочуваат дека настапот на фестивалот во Босна и Херцеговина претставува продолжување на меѓународниот сценски живот на претставата и можност за понатамошна афирмација на современите женски авторски поетики во регионалниот театарски простор.

Поврзани вести