
Турската демократска партија (ТДП) најави крај на коалицијата со „Европскиот фронт”.Претседателот Зулфикар Зејнула, во интервју за порталот TimeBalkan најави дека соработката со „Европскиот фронт” предводен од ДУИ завршила.
Тој изрази загриженост за сè поостриот политички речник кој го користат двата најголеми етнички блока во земјата, нагласувајќи дека ТДП отсега ќе ги штити приоритетно интересите на турската заедница.
Крај на соработката со ДУИ
„Одлуката да учествуваме на изборите во 2024 година преку Фронтот беше донесена во согласност со тогашните политички околности и интересот на нашиот народ. Денес сме во нов процес”, вели Зејнула.
Иако пратеникот на ТДП, Бејџан Илијас, сè уште делува како дел од пратеничката група на Фронтот, во партијата се разгледува можноста за нова политичка ориентација пред локалните избори.
„Немаме затворен став околу идниот коалициски партнер. Она што е важно е заштитата на правата и интересите на турската заедница. Нашата лојалност не е кон коалиции, туку кон принципи”, истакна Зејнула.